Вести Свет

И покрај реакциите на ЕУ, Миодраг Лекиќ е избран за мандатар на новата црногорска влада

Сподели:

 

Претседателката на Собранието на Црна Гора, Данијела Ѓуровиќ, на вчерашната седница на црногорскиот парламент констатирала дека се исполнети условите за примена на членот седум од измените на Законот за претседател и дека мандатар за состав на новата влада е лидерот на Демос, Миодраг Лекиќ, пренесува „Побједа“.

Ѓуровиќ на почетокот на седницата соопштила дека примила допис од клубот на пратениците на Социјалистичката народна партија, во кој потсетуваат на членот 7 од измената на Законот за претседател. Со тој член се прецизира дека во случај претседателот на државата не ги изврши со Устав пропишаните обврски за предлагање мандатар, заради заштита на јавниот интерес, за мандатар да се смета кандидатот кој ја има поддршката од мнозинството од вкупниот број пратеници во парламентот.

„Собранието на Црна Гора констатира дека претседател на Црна Гора по изгласувањето недоверба кон 43. Влада, ниту по стапувањето на сила на Законот за измен и дополнувања на Законот за претседател, не предложи мандатар за состав на 44. Влада, односно соопшти дека нема да го предложи. Со ова, се исполнети условите од членот 7 за измени на Законот за претседател, па со тоа констатирам дека Миодраг Лекиќ мандатар за состав на новата Влада на Црна Гора, со пописи за поддршка на 41 пратеник во Собранието“, истакнала Ѓуровиќ.

Лекиќ пак, кажал дека процесот на формирање нова Влада нема да биде лесен.

Претседателот Мило Ѓукановиќ кажал дека нема намера да учествува во имплементација на закон кој е во спротивност со Уставот на државата.

Инаку, ваквиот расплет на политичката состојба во Црна Гора доаѓа по бурните реакции на меѓународната заедница во врска со усвоените измени на Законот за претседател од страна на црногорскиот парламент, со кои се врши прекршување на поделбата на власта како еден од главните постулати на демократијата.

Венецијанската комисија, Европската Унија и другите меѓународни партнери веќе дадоа негативно мислење за усвоените измени на Законот за претседател од страна на црногорскиот парламент.

Амбасадорката на САД во Црна Гора, Џуди Рајзинг Рајнке повтори дека ставот на САД е оти новата црногорска влада не треба да се формира врз основа на спорните измени на Законот за претседател. Амбасадорката Рајнке разговарала и со претседателката на Собранието на Црна Гора, Даниела Џуровиќ, при што ѝ соопштила дека е загрижена поради длабоката политичка и институционална криза.

Инаку, пред доделувањето на мандатот за состав на новата црногорска влада од парламентот, а не од претседателот на државата, во Црна Гора на 21 декември во посета беше делегацијата на ЕУ предводена од словенечката министерка за надворешни работи, Тања Фајон, која предупреди дека ЕУ може да ги прекине преговорите за членство на Црна Гора со ЕУ доколку наскоро се формира нова влада врз основа на спорните измени на Законот за претседател, пишува Радио Слободна Европа.

Процесот на прекинување на преговорите со ЕУ би можел да се случи веќе во јануари или февруари догодина. И австрискиот министер за европски и меѓународни работи, Александер Шаленберг при посетата на Подгорица изјави дека доколку продолжи политичката поларизација во Црна Гора, оваа балканска земја ризикува да заврши на страна од патот кон членство во ЕУ.

И покрај ваквите предупредувања на меѓународната заедница, парламентарното мнозинство во Собранието на Црна Гора на почетокот од декември ги усвои измените на Законот за претседател, со кои парламентот ги презеде од претседателот уставните надлежности во делот на предлагање мандатар за состав на новата влада.

Во исто време, во Црна Гора во криза е и Уставниот суд и нема мнозинство за одлучување, бидејќи токму парламентот подолго време не успева да избере нови уставни судии. Инаку, идниот состав на Уставниот суд што допрва ќе го избере црногорскиот парламент ќе треба да одлучува за евентуалната претставка што би била поднесена за оценување на уставноста на усвоените измени во Законот за претседател од самиот парламент.

Сподели: