Вести Македонија

Парична казна од 800 евра за убиецот на кучето Идриз, во тек е и кривична постапка

Сподели:

Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“, објави дека на Симон Липски Христовски, кој го уби кучето Идриз, му е изречена парична казна од 800 евра. Информацијата ја добиле од Агенцијата за храна и ветеринарство.

„Ве информираме дека врз основ на Пријавата која ја поднесовме во Агенцијата за храна и ветеринарство против лицето Симо Липски Христовски за мачење и свирепо убиство на кучето Идриз – мирно бездомно куче кое монструмот со секира го закла среде бел ден – е констатирано најгрубо кршење на Законот за заштита и благосостојба на животните. Врз основ на востановеното дело на сторителот, од страна на Агенцијата за храна и ветерина му е изречена мерка за наплата на глоба од 800 евра и истата е исплатена. Ова е дописот кој ни е пристигнат од Агенцијата“, објавија „Анима Мунди“.

Активистите велат и дека нема да дозволат сторителот да помине само со кривична казна.

„Во тек е и Кривичната постапка која ја поднесовме против него во Основното Јавно Обвинителство, со која бараме сторителот да одговара по повеќе кривични основи – мачење животни, предизвикување јавна опасност и со која инсистираме да заврши во затвор, без можност за олеснителни мерки. Само преку најстрого санкционирање на садистите во нашата држава, Македонија може да стане цивилизирано и безбедно место за живеење, како за луѓето, така и за животните“, подвлекуваат во соопштението.

Симон Липски кон крајот на месец април со секира го уби маалското куче Идриз пред кафулето „Радио Бар“ во Дебар Маало, пред голем број очевидци. Откако видео од свирепото убиство се појави на интернет, беа одржани повеќе протести пред неговата куќа, а здруженијата за заштита на животните апелираа убиецот да биде соодветно казнет.

radiomof.mk

Сподели: