Вести Македонија

Парното поевтинува од 1. август

Сподели:

Потрошувачите на топлинска енергија во Скопје од први август ќе плаќаат пониски сметки за парно греење.

Како што одлучи Регулаторната комисија за енергетика за корисниците на Балкан Енерџи Груп -БЕГ, кој има над 47.000 потрошувачи во градот Скопје, цената ќе поевтини за 3,88 проценти.

Регулаторите истовремено одлучиле да се намали и тарифата за ангажирана моќност за 0,18 проценти.
Истовремено незначително поевтино загревање на домовите ќе добијат корисниците на ЕЛЕМ-Енергетика, каде цената на парното ќе се намали за 0,11 проценти.За домаќинствата кај кои надоместокот за топлинска енергија се наплаќа по м2 цената изнесува 35,01 ден/м2.

Регулаторите одлучија да поевтинат услугите и за потрошувачите приклучени на системот на Скопје Север кои ќе добијат пониски сметки за 1,69 отсто.

Кај компаниите од групацијата БЕГ, преку кои се снабдуваат повеќе од 47.000 активни потрошувачи, односно најголем број на потрошувачи кои се поврзани со системот за централно греење во градот Скопје, годишниот надоместок за топлинска енергија, за просечен потрошувач од сите категории на потрошувачи (домаќинства, образование и останати) се намалува за 2,75%.

Со оваа одлука продолжува трендот на намалување на цената на топлинската енергија за потрошувачите приклучени на системот за централно греење кој го управува групацијата БЕГ, односно од 2013 година до сега цената за домаќинства е кумулативно намалена за 31,32%, кај категоријата образование кумулативното намалување е најголемо и изнесува 65,66%, додека кај категоријата останати, исто така има високо кумулативно намалување на цената на топлинската енергија за 51,92%.

Парното поевтини и лани и тоа сметките на домаќинствата кои се корисници на БЕГ  тогаш се намалија за 10,93 проценти, на оние кои се греат преку Топланата Скопје-Север  намалувањето беше за четири проценти. За корисниците на ЕЛЕМ Енергетика цената падна за 11,59, односно за 9,15 отсто, во зависност од тоа како се мери потрошувачката.

Сподели: