Вести Македонија

Павлопулос повторно со радикална реторика за Македонија

Сподели:

prokopis_pavlopoulos_and_george_alogoskoufis_2008

Мерките за градење доверба меѓу Македонија и Грција и затоплените односи меѓу двете страни не го менуваат радикалниот став на грчкиот претседател, Прокопис Павлопулос.

Павлопулос од Воден, на денот на ослободувањето на градот, уште еднаш отворено посочи дека Македонија била е и ќе остане грчка.

Како што пренесува грчката информативна агенција АПЕ, Павлопулос, кој денес беше прогласен за почесен граѓанин на Воден, испрати и порака до македонската влада да ги напушти иредентистичките тенденции бидејќи сè додека го смени таквото расположение, државата нема да може да се интегрира во Европската Унија.

– Присвојувањето имиња значи иредентизам и го прекршува европското право и поради ова нема шанси нашите соседи да се интегрираат во Европската Унија, бидејќи не ги исполнуваат ни условите од европското право. Ова јасно го истакнуваме затоа што сакаме добросоедски односи и пријателство. Меѓутоа, тоа може да постои само со почитување на историјата и на институциите на Европа – истакна Павлопулос.

Грчкиот претседател од самиот почеток на мандатот во речиси секоја можна ситуација и говор во мали градови ја има на мета Македонија, порачувајќи дека никој нема да го загрози грчкиот карактер на Македонија и дека нашата држава нема да стане дел од ЕУ сè додека владата продолжува со иредентистичко однесување.

meta.mk

Сподели: