Пеколна ноќ во Харкив, од руското гранатирање загинаа девет цивили и 35 се повредени

Сподели

 

Харкивскиот регион минатата ноќ се соочи со најинтензивно гранатирање од почетокот на руската инвазија врз Украина. Во нападите се погодени станбени објекти, при што животот го загубија најмалку девет цивили, а 35 лица се повредени меѓу кои и три деца, пренесува Укринформ.

Во неколку наврати од 21:30 часот вечерта до рано утринава, извршени се ракетни напади од руските сили врз градовите Харкив, Краснохрад и други населени места во овој регион. Покрај куќи, погодени се и станбени згради, каде што живееле и најголем дел од загинатите и повредени граѓани. Спасувачките екипи и понатаму работат на терен, а украинските власти го оквалификуваа нападот како терористички чин од страна на Русија.

Непрекинатото гранатирање од руските сили продолжило изминатото деноноќие и во Донецкиот регион, при што загинале најмалку тројца цивили и дополнителни шест лица биле повредени, јавува Укринформ. Во гранатирањата на градот Никопол во Днипропетровскиот регион е повредена една жена, а оштетени се 15 куќи, училиште, продавница и автомобили.

Во Украина денеска пристигна генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш за да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Лвив. На средбата ќе присуствува и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, пренесува Гардијан. Покрај извозот на украинското жито по поморски пат, на средбата ќе се дискутира состојбата во нуклеарната електрана во Запорожје и потребата од пронаоѓање политичко решение за војната. Гутереш утре ќе го посети и пристаништето во Одеса./Мета.мк