Пендаровски: Без владеење на правото, доверба во институциите и нивно непристрасно функционирање нема добра бизнис клима

Сподели

 

Претседателот Стево Пендаровски, се обрати на отворањето на годинешниот самит „Македонија 2025“.

 

 

“Верувам дека сите овде споделуваме заедничка визија за модерна Република Северна Македонија, држава со млади кои ќе бидат задоволни со својот живот овде, развивајќи се и остварувајќи се во својата земја. Држава со постојан економски напредок и развој, подготвена да се менува и да ја адаптира својата економија согласно светските трендови. Еден од основните предуслови за тоа да се случи е соработката на политичарите со бизнис заедницата, односно градење на политики согласно потребите и барањата на актуелниот економски контекст. Јас лично, можеби нескромно, се ставам на располагање согласно моите надлежности за секоја иницијатива и сугестија од ваша страна, затоа што од првиот ден на оваа функција верувам во одговорно лидерство. Во нашата држава е неспорно дека се потребни натамошни реформи не само во економијата туку и во останатите области од витално значање. Без владеење на правото, доверба во институциите и нивно непристрасно и професионално функционирање нема подобрување на бизнис климата. Јас сум свесен сум дека оваа фраза ја повторуваме со години, и дека на бизнис заедницата и на граѓаните им е доста од чекање. Но, навистина верувам дека после сите искушенија низ кои поминавме последниве години, конечно е креирана позитивна атмосфера и постои политичка волја кај клучните фактори и во власта и кај опозицијата да се истрае во намерите и развојот на економијата да стане наш апсолутен приоритет” – изјави Пендаровски.

 

 

“Дигитализацијата е уште една тема која е во фокусот на годинешниот Самит и би сакал навистина да ја поздравам и оваа иницијатива затоа што и самиот сметам дека со оглед на потенцијалот кој го имаме во ИТ секторот, ова е гранка на која треба посебно да се посветиме – да ги едуцираме младите уште од мала возраст да кодираат, но и да го поддржиме ИТ секторот во целина, со цел, да даде далеку поголем придонес кон вкупниот економски развој на земјата. Треба да разбереме дека оваа земја може да опстане само ако наша стратешка цел биде инвестирањето во младите луѓе кои мораат, повторувам, едноставно морааат, првата шанса за успех и просперитет да ја добијат тука, дома “-додаде претседателот Пендаровски.