Пендаровски: Безбедносната состојба во земјата и во регионот е стабилна

Сподели

 

Во Кабинетот на Претседателот се одржа конститутивната седница на Советот за безбедност. Како што изјави претседателот Пендаровски, ова е прва седница по цели три години на Советот за безбедност кој е уставна категорија и исклучително важен орган, но поради немањето политичка волја, Советот бил маргинализиран и заборавен.

Учесниците на состанокот констатираа дека состојбата во земјата и во регионот е стабилна и засега нема индиции дека би биле загрозени границите или пак интегритетот и суверенитетот на Северна Македонија. Сите надлежни институции во континуитет ги следат ситуациите коишто потенцијално би можеле да прераснат во посериозен проблем, како што е мигрантската криза.

На седницата присуствуваа постојаните членови на Советот: претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, претседателот на Собранието, Талат Џафери, министрите за одбрана, Радмила Шекеринска, за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерот за надворешни работи Никола Димитров. Исто така присуствуваа и  членовите на Советот, назначени од страна на претседателот Пендаровски: професорите Ненад Марковиќ, Ветон Љатифи и Трајан Гоцевски.

 

 

На покана на Претседателот на денешната седница на Советот за безбедност присуствуваа и директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски и заменик началникот на Генералштабот, генерал – мајор Азим Нуредин.

Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваше на седницата на Советот за безбедност.

„Сметам дека претставниците на опозицијата, особено на најголемите, најрелеватните опозициски партии мораат да присуствуваат по покана од Претседателот на состаноците на Советот за безбедност, затоа што Советот не е приватна институција на Претседателот и на седниците не се дискутира за приватни и партиски работи. Темата на денешната седница не е работа само на владината коалиција, туку е од суштинско значење за безбедноста на државата. Темата на денешната седница беше безбедносната состојба внатре во нашата земја, Република Северна Македонија и во регионот. Така што моја задача беше да ги поканам сите оние кои мораат да бидат информирани за тоа што се случува на тој план, без разлика кој е на власт а кој во опозиција“, изјави претседателот Пендаровски.

На седницата е договорено Советот за безбедност да се состанува на секои два до три месеци, бидејќи е неопходна редовна размена на мислења за безбедносната состојба.