Пендаровски е покровител на Признанието за придонес на припадниците на дијаспората, Македонија 2025

Сподели

 

Кабинетот на претседателот и Македонија 2025 Огранок во Република Македонија, денеска потпишаа Меморандум за соработка со цел јавно вреднување на сите поединци со потекло од РС Македонија, кои имале несебичен и континуиран придонес за татковината во различните сфери на живеење.

Врз основа на Меморандумот се воспоставува покровителство на Претседателот на РС Македонија на Признанието за придонес на припадниците на дијаспората, Македонија 2025.

Целта на признанието кое го востановува Македонија 2025, е да го вреднува придонесот на припадниците на дијаспората кои индивидуално, или преку нивни организации дале значаен, или исклучителен придонес кон економскиот, општествениот развој, образованието, научно-истражувачката работа, уметноста, или пак придонеле за подобрување на определени состојби преку разни форми на донации, волонтерска работа и инвестиции во татковината.

Согласно Меморандумот за соработка, ќе бидат изготвени критериуми и процедури за начинот и постапката на пријавување, и ќе биде формирана Комисија која ќе ја спроведе постапката за избор на добитник, односно добитници на признанието преку вреднување на придонесот на пријавените припадници на дијаспората.

Меморандумот за соработка го потпишаа генералниот секретар на Кабинетот на претседателот на РС Македонија, Миле Бошњаковски и Никица Мојсоска Блажевски, главен извршен директор на Македонија 2025 Огранок во Република Македонија.