Вести Македонија Топ теми Ударни вести

Плевнелиев: Бугарија без лажен патриотизам треба да ја поддржи Северна Македонија

Сподели:

 

Бугарија треба да ја прошири соработката со Македонија во сите сфери, треба да се зголемат инвестициите, а не да бидеме лажни патриоти и да ги закашкуваме работите во последен момент. Со такви зборови по острите предупредувања од бугарскиот претседател Румен Радев, како и од владата на Бугарија кон земјава, се обрати Росен Плевнелиев, претходниот шеф на бугарската држава, кој беше на функцијата од 2012 до 2017 година.

Говорејќи во емисијата „Ова е Бугарија“ на радиото „Фокус“, тој рече дека иднината на Македонија е во ЕУ и НАТО и затоа Бугарија мора да ги зголеми своите инвестиции во соседната земја.

– Колку грчки инвестиции има во Северна Македонија, а колку бугарски инвестиции? Така што, треба да бидеме толку добри наместо да се правиме лажни патриоти и да ги закашкаме работите во последниот момент, и слава на Бог што премиерот Борисов и вицепремиерот Екатерина Захариева не го дозволија тоа. Наместо тоа, да ги засукаме ракавите, да помагаме и да ја засилиме својата активност во регионот и посебно во Северна Македонија. Еден пат немаме изградено натаму, како луѓето што направија, еден граничен премин немаме – вели Плевнелиев.

Тој вели дека целта на Бугарија не е да има нови територии, туку да има мир на Балканот, но но тоа не смее да се случува на сметка на историјата.

Според претходниот претседател на Бугарија, владата на Северна Македонија треба да биде поддржувана, оти конфликтите на полуостровот би им одговарале на интересите на Русија и Србија.

– Членството на Северна Македонија во ЕУ е важно, но не може тоа да се случува на наша сметка, со прекројување на историјата – порача бугарскиот премиер Бојко Борисов во понеделникот, по одржувањето на консултативната средба „Преглед на билатералните односи меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија во контекст на постигнатите резултати од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања и очекуваната покана за Македонија за приклучување кон ЕУ“, која се одржа во кабинетот на бугарскиот претседател Румен Радев.

Шефот на државата пак, испрати многу поостра порака.

– И покрај огромните напори вложени од бугарска страна, Заедничката комисија не постигна особени резултати, а посебно во последно време тие се вознемирувачки. Исто така, и поведението на нашата сосетка раѓа несигурност и недоверба – рече Радев, појаснувајќи дека е важно да се исцртаат црвени линии кои ќе бидат гаранција дека европската интеграција на Македонија нема да биде на сметка на бугарската историја, јазик и идентитет.

Сподели: