По Јанкулоска, сега Андонов се вози во украдениот џип на Бекам

Сподели

bmw-andonov-i-jankuloska

Дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Оливер Андонов, се вози во џипот, марка „БМВ Х5“, што како службено возило, за време на речиси целиот свој мандат, го користеше поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, дознава „Мета“. Инаку, токму ова возило, во медиумите беше индентуфикувано и како џип на поранешната фудбалската ѕвезда, Дејвид Бекам, кој бил украден во Шпанија и, наводно, прошверцуван во земјава, каде потоа е запленет во полициска акција.

Дека Андонов, како службено возило, го користи „џипот на Јанкулоска“ за „Мета“ потврдија и високи извори од МВР.

Сребрено-сивиот „БМВ Х5“ вчера беше паркиран пред Музејот на ВМРО, каде Андонов беше еден од главните гости на промоцијата на едицијата „Црните страници на УДБА – Историја што чека да биде откриена“, во издание на Државниот архив на Република Македонија.

Приказната дека ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, како службено возило го избрала џипот на фудбалската ѕвезда се појави во 2007 година. Тогаш дел од светските медиуми објавија написи дека џипот на Бекам бил украден во Мадрид, а потоа, преку воден пат бил прошверцуван во Грција, а оттаму во Македонија. Македонската полиција го запленила во Дебар, во големата полициска акција „Југ“, во која цел беше меѓународна криминална група која шверцувала украдени луксузни возила.

По акцијата, возилото извесен период стоеше во судските депоа како доказ, а потоа Министерството за правда му го даде на МВР. Со тоа возилото стана државна сопственост, а според пишувањата на медиумите, тогаш Јанкулоска го одбрала за свое службено возило. Сепак, ниту од МВР, ниту од некоја друга институција немаше потрвда дека станува збор токму за џипот на Бекам.

Џипот на Јанкулоска беше споменат и во препирките меѓу министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и ВМРО-ДПМНЕ, за време на неговиот прв мандат по Договорот од Пржино, лани во ноември. Дел од провладините медиуми тогаш пишуваа дека Спасовски веднаш по доаѓањето во кабинетот барал луксузни и блиндирани возила. На ова, тој и СДСМ одговорија дека службеното возило што му е доделено од МВР го користеле и неговите претходници и обвинија, повикувајќи се на пишувањата на странскуте медиуми од 2007 година, дека Јанкулоска се возела во украден џип.

„Состојбата со овој џип ќе биде утврдена“, стоеше во реакцијата на СДСМ на пишувањата на провладините медиуми.

meta.mk