Колумна

НАЦИОНАЛИЗМОТ КАКО САДОМАЗОХИЗАМ – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели:

litovski foto

„Национализмот е деструктивен, овде најголемите љубовници на земјата ѝ нанесоа најмногу зло, најмногу луѓе одведоа во смрт, ги изгладнеа до коска, го претворија криминалот во занимање. Национализмот како чувство не постои, некого го сакаш или не го сакаш. Сè друго е изговор за доминација по некоја основа.“ Вака, парафразирано, гласат луцидните и точни зборови кои деновиве ги публикуваше младата писателка Јелена Ангеловска, а веќе отпорано Ерих Фром во „Здраво општество“ има забележано дека национализмот е еден „вид на родосквернавење, идолопоклонство, лудило“, односно „токму како што љубовта кон една личност, која ја исклучува љубовта кон другите, не е љубов, така и љубовта кон сопствената земја, која не е дел од љубовта кон човештвото, не е љубов, туку идолопоклонско обожавање.“

Следејќи ја траекторијата на ваквите размислувања, лесно може да се стигне до сфаќањето оти национализмот е своевиден садомазохизам, односно дека е психолошки болно, изопачено и деструктивно општествено-политичко дејствување за нанесување на болка и уживање во болката. И, за жал, токму во такво болно време живееме. Впрочем, сведочиме како чеканот на бесните легионари на национализмот удира насекаде низ Европа и создава атмосфера на омраза, ксенофобија, расизам, фашизам… Легалитетот и легитимитетот на фашистичките и профашистичките партии и движења скоро никој веќе не го спори и, скоро, за никого не е скандалозно ваквото антицивилизациско и психопатолошко општествено однесување. Кај нас пак, заради халуцинациите од националистичкиот опиум, нашите портокалови „зависници“ веруваат во бесмислените античко-врховистички митолошки нарации и, растреперени како во екстаза, се палат на апокалиптичните најави за пропаста на сите овоземски авторитети кои, наводно, сакаат да ја уништат Македонија и нејзините криминални властодршци.

Култот на нацијата ги направи најпретенциозни суштества сите оние лумпенпролетери, тепачи, ганстери, општествен џган со болна желба за моќ, доминација и нанесување болка. Имено, овој култ ги претвори партиските националисти, кои, попатно кажано и онака беа мрзливи неработници, во целосни паразити кои сметаат дека државата треба да им обезбеди егзистенција без работа и да им овозможи уживање во сите материјални удобства. Така, всушност, нашиот националист денес е општествен садомазохист, оти, од една страна, има статус на „млад пензионер“, кој, или воопшто не оди на работа, или добил некаква државна работа каде ништо не работи, ама затоа има редовни финансиски примања, а од друга страна е редовно незадоволен: тој е гладен, дискриминиран, следен, оневозможуван, запоставуван, игнориран, несреќен, ограбен, озборуван… Тој сериозно смета дека околу него се врти планетата Земја и целиот Сончев систем.

Од свој страна, нашата нациократска буржоазија, следејќи ги исклучиво сопствените интереси, нужно оди кон деградација на демократијата и поддржување на создавањето на едно антихуманистичко општество. Кон овој тренд се приклучува и нашата десно ориентирана „интелектуална елита“ што го поддржува, пропагира и помага национализмот. Затоа, тој наш национализам некогаш добива форма на апликација од „ангелот од Курбиново“ на маички, некогаш форма на „триумфална порта“ во мегаломански димензии, некогаш форма на „патриотско“ здружение со име од некој антимакедонски главорежач претворен во херој, а некогаш форма на перформанс во кој се кршат непостоечки (?!) спомен плочи по македонските планини и се подигнува националистичкиот адреналин. Сето ова се само егземплари, преку кои се илустрира и разјаснува дека токму заради „интелектуалните“ измеќари, нашиот портокалов национализам смрди на одвратна глупост и површна патетика и на сите, секојдневно, ни нанесува загуби и психолошка тортура.

Секако, во атмосфера каде глупоста е медиумски востоличена како умност, каде историскиот ревизионизам и бедниот антикомунизам се посакувани и фаворизирани, каде омразата кон другиот и поинаквиот е мерка за патриотизам, каде силата на мускулите е далеку померодавна како аргументација од силата на мислата и зборот, просторот за интелектуален отпор на национализмот се минимални и ризични. Ама, сепак, без разлика на лошите услови за организирање и манифестирање на отпорот, тој мора да постои и да егзистира. Дури, би рекол, колку помали и полоши се условите, толку е попотребно и позначајно постоењето на отпорот.

Сподели: