Вести Македонија Ударни вести

Акција “Планина”: По цела година следење избегаа главните нарко-босови

Сподели:

 

Цела година двајца јавни обвинители и двајца истражители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал (ОЈО-ГОКК) следеле две нарко групи и собирале докази против нив. Едната група била од населбата Гази Баба, а втората од селото Грчец.

При вчерашното апсење петмина од групата од Грчец и еден од групата од Гази Баба избегале, откако добиле некаква дојава, се дозна од денешната прес-конференција на првиот човек на ОЈО-ГОКК, Вилма Русковска посветена на акцијата „Планина“.

Како што објасни Русковска, во текот на изминатата година се собирани докази за трговија со дрога, главно кокаин, преку следење комуникации, тајно следење и снимање надвор од приватен имот, а докази се собирани и преку следење на членовите на двете групи при продажба на дрога, при што купувачи биле пресретнувани по зделката, а дрогата била запленувана.

Засега немаме собрано докази за поврзаност на двете групи, туку тие ќе бидат процесуирани како два посебни предмети, објасни Русковска.

Во Грчец е извршен претрес на 26 локации, приведени се 13 лица, од кои еден малолетник. На деветмина од нив им е изречен притвор, на тројца куќен притвор, а за едно лице мерка за претпазливност. Пет лица се недостапни, рече Русковска.

Во Гази Баба се извршени претреси на девет локации, осум лица се приведени и во притвор, а едно е во бегство.

При апсењата во рамките на „Планина“ одземени се 80.000 евра, повеќе од 300.000 денари, 500 франци, а од дрога – пет килограми марихуана и 600-700 грама кокаин. Русковска објасни дека најголемиот дел од дрогата е запленета во населбата Гази Баба.

Најголем дел од парите и дрогата се пронајдени при претресите во Гази Баба, а само мал дел е пронајден и одземен во Грчец.

Во однос на бегството на петмината организатори што избегале, Русковска појасни дека да ги добиеле нивните мобилни телефони, ќе добиеле повеќе докази, меѓу другото, и за тоа дали имале дојава од вработени во МВР или други институции, но засега нема никакви докази дека станува збор за „пробивање“ на акцијата за апсење.

Сподели: