Почина големиот македонист академик Милан Ѓурчинов

Сподели

На 90 – годишна возраст почина академик Милан Ѓурчинов, македонски есеист, критичар, книжевен историчар, антологичар,  редовен член на Македонската академија на науките и уметностите.

 

Академик Милан Ѓурчинов е роден на 28 јули 1928 година во Белград. Во 1951 година дипломирал славистика на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Белград, докторирал во 1960 година на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје, а се усовршувал на универзитетите во Љубљана, „Ломоносов“ во Москва и „Сорбона“ во Париз.

Академик Ѓурчинов беше професор на Филолошкиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, шеф на Катедрата за славистика, а во 1980 година ја основал Катедрата за општа и компаративна книжевност и бил нејзин раководител.

Активно учествуваше на меѓународни и на домашни конгреси, симпозиуми и други собири, како и на семинарите за македонски јазик, литература и култура во Охрид. Членуваше во повеќе општествени и културни асоцијации и редакциски одбори.

Тој беше и претседател на Советот на Струшките вечери на поезијата, член на МАНУ, на ДПМ и претседател на писателската асоцијација и на Македонскиот ПЕН центар. Тој спаѓа во репрезентативната група македонски интелектуалци, значајни за културната афирмација на Македонија.

Автор е на повеќе книжени критики. Составувач е на антологии на македонската проза и поезија на италијански, француски, српски, турски и други јазици. Добитник е на наградите: „11 Октомври“, „Димитар Митрев“, „Златен прстен“.

Погребот на академик Милан Ѓурчинов ќе се изврши на Градските гробишта „Бутел“ во Скопје на ­­26 јули (четврток) во 11,30 часот, а неговите посмртни останки ќе бидат изложени во Капелата од 10,30 до 11,30 часот.

По повод смртта на акад. Милан Ѓурчинов, Македонската академија на науките и уметностите и Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје во Свечената сала на МАНУ ќе одржат заедничка Комеморативна седница на 27 јули (петок), во 11 часот.

Слава му!