Вести Македонија

Почина Диме ЈАНЕСКИ, еден од најистакнатите културни работници во Прилеп

Сподели:

dime_janeski_in_memoriam

Јанески со својата посветеност при работниот век во Центарот за Современа Ликовна Уметност (ликовна колонија) во Прилеп, активно ја развиваше ликовната уметност (сликарската, скулпторската и нови форми), преку преземање на одговорностите за 30-годишно раководење на ЦСЛУ (од вкупно 59 години колку што постои Колонијата, како најстара во Југоисточна Европа).

Раководејќи ја Ликовната Колонија, првично со  д-р Бошко Бабиќ, а потоа до крајот на својот живот со својата сопруга Гордана Бабич Јанеска, на Прилеп и на Македонија им донесоа на гости над 3.000 ликовни уметници од целиот свет и од секој континент, кои го знаат Прилеп како малиот прст, а дошле од сите континенти – од Нов Зеланд, преку Јапонија, до Чиле и Канада, од Египет до сите европски држави.

Најдолг период од постоењето на ЦСЛУ, тие твореа и создаваа на ова тло под раководство на Диме Јанески, облагородувајќи го културното наследство на оваа земја, како и на градот Прилеп.

Најголем дел од спомениците којшто се поставени низ Прилеп, се дел од фундусот на создадени дела, во летен период, без престан, во изминатите 59 години. Замислата на Диме јанески беше, Прилеп – град кој е своевидна галерија на отворено, па поради тоа, постојат мал милион ќошиња, каде ќе наидете на постановки на скулптури, а низ институциите во градот, но и во државните (Собрание, министерства, канцеларии…), во Скопје ќе сретнете многу сликарски дела, зајмени за да бидат репрезент на оваа земја при сечија посета во нив.

Покрај раководењето на постојаните иницијативи од претходно – Интернационална сликарска колонија (поч. 1957 г.), Интернационален скулпторски симпозиум „Мермер“ (поч. 1963 г.), Интернационално студио за пластика во дрво (поч. 1971 г.) и повремените работилници за уметничка фотографија, мозаик, витраж, графика, керамика (развивани низ годините), Диме Јанески е иницијаторот за создавањето на Интернационалното ателје за скулптура во метал (поч. 1984 г.), како и на своевидниот редок репрезент не само кај нас, туку и пошироко – Интернационалното студио за пластика во пластика, почнато во 2004-та година, заедно со реномираниот скулптор Предраг Јаневски.

Низ годините, најголемата борба на Диме Јанески се преточи во тоа, ЦСЛУ да стане самоодржлив, и да продолжи да биде амбасада на светската култура и уметност во Прилеп.

Погребот на Диме Јанески, ќе се изврши на новите градски гробишта во Прилеп, в сабота (9-ти јули), со почеток во 10:00 часот.

10bez10.com

Сподели: