Вести Македонија

Почина новинарот и публицист Цветан Станоевски

Сподели:

На 83 годишна возраст денеска почина новинарот и публицист Цветан Станоевски.

Доајенот на македонското новинарство Станоевски (1934) потекнува од печалбарско занаетчиско семејство, од демирхисарското село Зашле. Основно образование завршил во Крушево, средно во Битола, а високо на Филозовскиот факултет „Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Во 1957 година се вработува во редакцијата на дневникот „Нова Македонија” во Скопје. Во неа минува 22 години на разни должности и ангажмани, главно од областа на културата, со посебна специјалност филмска уметност и со нагласен интерес за историјата на Македонија и македонскиот народ. Во сите свои написи, од дневен до аналитички третман на обработуваните теми, главна преокупација му е афирмација на автентичниот македонски национален идентитет. Прво е соработник на културната рубрика, како проследувач на настани од културата, рецензент и филмски критичар. Со време станува уредник на рубриката, а пројавува и низа иницијативи во покренување и издавање нови гласила.

Станоевски е еден од иницијаторите за покренување на вториот дневен весник „Вечер” (1963). Член е на неговиот прв уредувачки колегиум, уредник на културната рубрика. Во 1967 го покренува и станува одговорен уредник на третото издание на хумористичниот весник „Остен”. По враќањето во „Нова Македонија” покренува иницијатива и застанува како главен и одговорен уредник на првиот македонски магазин во боја „Журнал” (1968). По враќањето во дневникот станува помошник на главниот и одговорен уредник на „Нова Македонија” и во тоа својство ги покренува неделниците „Екран” (филмска, ТВ и естрадна проблематика) и „Починка”, забавник.

Од 1972 година е постојан дописник на „Нова Македонија” од Москва. Ги објавил книгите „Како ја видоа Македонија, руски публикации за Македо-нија 1828-1913″ и студијата „Димпломатија во историја, историја на дипломатијата”, што е продолжување на првата книга.

Повеќе од десет години беше колумнист во нашата редакција, каде остави белег со неговиот препознатлив стил на пишување.

Цветан Станоевски ќе биде погебан утре во 12:30 часот.

 

 

Сподели: