Утре започнува светиот месец за муслиманите ширум светот, месецот Рамазан.
Рамазан е деветти месец во исламскиот календар и тој е свет месец за муслиманите затоа што во него започна откривањето на Куранот, светата книга на муслиманите. За време на Рамазан, муслиманите ширум светот постат од сабах (зора) до акшам (почеток на вечерта).
„Првиот ден на постот ќе започне на 1 март (сабота). На сите верници им посакуваме добро здравје, и прифатени пости од Севишниот Аллах. Нека ви е честит и мубарек месец Рамазан“, стои меѓу другото во објавата на муфтиството.
Рамазан е еден од петте столба на исламот. Останатите се верата, молитвите, поклонението и давањето милостина. Тоа е месец на добрина, милост, љубов и простување. Верувањата се дека кога ќе дојде празникот, портите на џенетот (рајот) се отвараат, портите на џехенем (пеколот) се затвораат. Муслиманите сметаат дека Рамазан на секој дом му носи полни раце дарови – милост, бериќет и проштевање. Куранот вели дека Рамазан има четири димензии – духовна, морална, солидарна и здравствена.
