Мојсоска: Дали ДПМНЕ ќе продолжи да го штити договорот со бугарското коцкарско подземје?

Сподели:

Власта на Мицкоски преку нивниот директор на Државна лотарија, Александар Климовски, ги продолжува договорите што самата ги нарекуваше криминално партнерство со бугарската мафија!

Пратеничката од Левица, Јована МОЈСОСКА, го отвори прашањето за скандалозниот континуитет во Државна лотарија.

Договорот за „Мегавин“, кој ДПМНЕ во опозиција го нарекуваше партнерство со бугарската коцкарска мафија, не само што не е раскинат, туку директорот Александар КЛИМОВСКИ на 13 јуни 2025 година потпишал анекс со истата бугарска фирма МДД СОФТ, застапувана од Денчо Ганев, поврзуван со коцкарскиот магнат Васил Бошков – Черепот.

Мојсоска ги посочи и скандалозните трансфери од Државна лотарија и како пример ги наведе исплатените 45.000 евра за проект за гледање фудбал поврзан со поранешен советник на ДПМНЕ, за 1,8 милиони денари нетранспарентно исплатени на фирмата на „Авалон“ пред договорот за прославата на независноста, за стотина страници понуда разгледани и договор потпишан во еден ден и сите сѐ уште неодговорени прашања за скапата прослава од народниот буџет.

На ова се надоврзуваат и прашањата за непријавените 140.000 евра на Климовски од „Касинос Аустриа“ и за мистериозниот „Нострадамус“, кој во еден ден остварил 178 добивки на онлајн покер во вредност од 10 милиони евра.

По целата низа скандали што ја тресат Државна лотарија, Мојсоска го постави прашањето: Дали ДПМНЕ ќе го разреши директорот Александар Климовски и конечно ќе ја затвори онлајн коцкарницата „Мегавин“, или ќе продолжи да го штити истиот договор со бугарското коцкарско подземје против кој ДПМНЕ до вчера држеше прес-конференции?

Сподели: