Вести Македонија Ударни вести

Подобро позиционирање на архитектите и инженерите за растечка економија и подобра иднина

Сподели:

 

Комора на трговски друштва за геодетски работи и Комората на овластени архитекти и овластени инженери, потпишаa Mеморандум за соработка со цел позиционирање и унапредување на улогата на инженерската професија за постигнување на поширок општествен напредок. Со документот се утврдуваат начелата за взаемни активности во различни области на соработката. Меморандумот за соработка го потпишаа м-р Кристинка Радевски, Претседател на Комората на овластени архитекти и овластени инженери и м-р Никола Рибароски, Претседател на Комората на трговски друштва за геодетски работи.

На потпишувањето на меморандумот м-р Радевски истакна дека цврстото позиционирање на инженерот во нашето општеството и неговата улога како рамноправен и релевантен чинител во меѓународниот инженерски свет е можно само преку широка и отворена соработка со сите сродни и релeвантни ентитети кои ги делат истите вредности и заложби.

„Имајќи го предвид значењето на геодезијата во секојдневието во врска со градбата и управувањето на недвижностите, неминовно е да се каже дека со геодетските работи започнува и завршува секоја градба. Ние сите заедно сме дел од едно цело и само со заеднички сили можеме да го прогресираме инженерството – област која што како ни една друга е одговорна да обезбеди здрава животна средина, растечка економија и подобра иднина за нашите млади генерации. Комората на трговци поединци овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи е субјект која во рамки на своето работење регулира значителна област од градежната индустрија. Задоволство е што досегашната наша комуникација ја подигнавме до ова ниво. Очекувам дека Меморандумот за соработка потпишан денес меѓу двете институции, е само мотив повеќе за обединување и синхронизирано дејствување на патот на нашите заеднички заложби за справување со сите инженерски предизвици“, истакна м-р Радевски.

М-р Рибароски во своето обраќање истакна дека претставува чест и задоволство, да се потпише овој Меморандум и да се воспостави соработка со Комората во која се здружени најголемиот број на инженери во Македонија. Комората на геодетски друштва има потпишан меморандумот за соработка со Градежниот факултет – Скопје, а веќе има договорено меморандуми со неколку меѓународни сродни комори за конкретна соработка.

„На овој начин ја потврдуваме нашата заложба како Комора за воспоставување конкретни соработки со сите релевантни домашни и меѓународни институции преку кои всушност ги јакнеме нашите капацитети се со цел надминување на предизвиците со кои се соочува целокупната геодетска професија во овој специфичен период. Посебно сакам да истакнам дека со потпишување на овој меморандум со Комората на овластени архитекти и овластени инженери, предвидена е соработка, размена на искуства и взаемна поддршка во неколку сегменти кои ги се однесуваат на делови од  Законот за градење, Законот за Катастар на недвижности, како и законот за Геодетска дејност, кој допрва треба да биде усогласен со останатите закони и донесен за прв пат во историја на нашата држава. Секако овој Меморандум предвидува соработка и во деловите на подзаконските акти како правилници, тарифници и сл. во кои членките на двете комори имаат заеднички допирни точки, а преку кои се очекува да бидат надминати одредени проблеми во секојдневното работење“, истакна Рибароски.

Комората на овластени архитекти и овластени инженери е независна, непрофитна, професионална организација што ги обединува сите инженерски професии во Македонија. Таа е единствената овластена институција која што издава јавни овластувања на архитектите и сите инженери во смисла на нивните професионални компетенции за работа на пазарот на трудот во областа на градежништвото. Комората која оваа година одбележува 15 години постоење, ја сочинуваат 12 инженерски одделенија со повеќе од 3.550 активни членови. Комората е полноправна членка на Европскиот Совет на Инженерски Комори (ECEC) и дел од Светската Федерација на Инженерски Организации (WFEO).

Комората на трговски друштва за геодетски работи е воспоставена во 2008 година како професионална, независна и непрофитна организација со јавни овластувања кои се однесуваа на постапката за стекнување на лиценца за вршење оперативно – теренски работи на правните лица кои ги исполнуваат условите за тоа, како неопходен сервис во најразлични области поврзани со решавање на сопственоста на земјиштето и општо на недвижниот имот.  Во неа членуваат околу 136 правни лица. Комората од 2019 година е дел од Сојузот на Стопански Комори, кој претставува значаен фактор и водечка сила на обединетите мали и средни претпријатија. Исто така, Комората е полноправна членка на Европскиот совет на геодети  (CLGE).

Сподели: