Вести Свет Ударни вести

Платеничката војска „Вагнер“ сочинува една четвртина од руските борци во Украина

Сподели:

 

Западни разузнавачки извори веруваат дека руската платеничка војска „Вагнер“ веќе сочинува една четвртина или повеќе од четвртина од вкупниот број на руски борци вклучени во воената инвазија врз Украина, пренесува Гардијан. Приватната војска на Евгениј Пригожин има сè позначајна улога во руската воена агресија, но сепак нивната воена ефикасност се смета за ограничена во градот Бахмут во Донецкиот регион.

Нивниот шеф објави дека „Вагнер“ ја зазел целата територија на Соледар, додека украинските војници биле опколени во центарот на градот. Наспроти неговото тврдење за падот на Соледар, украинската заменик-министерка за одбрана Хана Малиар информираше дека жестоки борби во моментов се водат во Соледар. Таа тврди дека непријателот не води грижа за огромниот број жртви, додавајќи дека на приодите кон украинските позиции има мртви руски борци, пренесува Укринформ.

Украинските власти информираат дека руските воени дејствија во Донецкиот регион во изминатово деноноќие предизвикале смрт на еден цивил во Бахмут, додека уште едно лице било рането. Како последица на руските ракетни напади во Херсон во изминативе 24 часа, загинат е еден цивил, а дополнително лице е рането, пренесува Гардијан.

Укринформ јавува дека регионот Миколаив во изминатово деноноќие бил нападнат со 40 ракети, кои биле истрелани кон населеното место Куцуруб, но притоа нема загинати лица. Днипропетровскиот регион во три наврати бил ракетиран, при што над 20 проектили паднале врз цивилни објекти во населените места Червонохрухоривка, Марханец и Никопол, пренесува Укринформ. Под ракетен напад бил и градот Харкив, и тоа само неколку часа откако германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок го посети овој град.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера донесе одлука да им го одземе украинското државјанство на четворица досегашни укрански политичари, кои се обвинети за велепредавство. Станува збор за политичарот Виктор Медведчук, кој лани беше префрлен во Русија со договор за размена на затвореници, како и за Андриј Леонидович Деркач, Тарас Романович Козак и Ренат Равелијович Кузмин.

„Ако народните пратеници одлучат да му служат не на украинскиот народ, туку на убијците кои дојдоа во Украина, нашите постапки ќе бидат адекватни“, изјави претседателот Зеленски.

Медведчук, близок соработник на Владимир Путин, ја предводеше забранетата проруска партија „Опозициска платформа – за живот“ во Украина и се соочуваше со обвиненија за предавство пред да биде префрлен во Москва во септември 2022 година.

Козак и Кузмин беа избрани во украинскиот парламент како членови на партијата на Медведчук. САД воведоа санкции против Козак, сопственик на три телевизиски канали, во јануари 2022 година за наводно ширење руски дезинформации, откако Кијив побара негово апсење под обвинение за предавство. Украина исто така го обвини Кузмин за велепредавство. Деркач пак беше украински пратеник, кој исто така беше санкциониран од Вашингтон и беше обвинет во САД во декември за перење пари и кршење на санкциите, известува Гардијан./Мета.мк

Сподели: