Поголема заштита на новинари и медиумски работници во услови на епидемија на заразни болести

Сподели

Светската здравствена организација вчера прогласи пандемија во светски рамки поради брзото ширење на коронавирусот (Ковид – 19). Како последица на оваа појава, но и со цел да се превенира дополнително ширење на вирусот, Министерството за здравство во Република Северна Македонија на дневна основа соопштува забрани и мерки во однос на одржувањето јавни собири и за начинот на работење на одредени сектори.
Поаѓајќи од важноста граѓаните да имаат точни и навремени информации, особено во услови кога од тоа зависи и општото здравје, укажуваме на потребата новинарите и медиумските работници кои се вработени и/или имаат работен ангажман во Вашиот медиум да имаат одредена заштита и
услови, со цел да се избегне ризикот од нивна потенцијална зараза.
Во оваа насока, би сакале да Ви укажеме дека, како одговорни лица во медиумите, на новинарите и медиумските работници потребно е да им обезбедите:
– Алкохолни марамчиња и дезинфициенси за рацете, кои ,првенствено, треба да бидат поставени на влезовите од медиумите, при што секој вработен треба да ги искористи пред да влезе во просториите на медиумот,
– На оние кои известуваат од терен да им се обезбедат истите средства за чистење на воланите, брзиноменувачите и влезните и излезните рачки на возилата, како и за чистење на стативите на камерите, како и за деловите од камерите кои доаѓаат во допир со рацете или лицето, а истото важи и за микрофоните што се користат на терен и во оф-тон кабините (глувите соби), како и за фотоапаратите,
– Да се обезбедат сапуни во сите тоалети и кујнски простории, како и соодветни хартиени бришачи за раце и тоалетна хартија,
– Заедничките простории во редакциите, како што се кујните, потребно е да се избегнуваат и да не се користат од повеќе лица во исто време,
– Ризичните групи на вработени, како што се хронично болните, повозрасните лица и бремените жени, да бидат ослободени од работните задачи кои треба да се извршуваат на терен, а доколку при разговор со нив се оцени дека треба да бидат ослободени од работните задачи тоа да им се овозможи,

Во работните простории треба да се овозможи физичка одвоеност од еден до друг вработен од најмалку еден метар,

– Доколку се забележи дека кај некој од вработените постојат симптоми на „коронавирусот“ според укажувањето на СЗО, да се даде совет за самоизолација од 14 дена и да се јави на некој од јавно достапните броевите за кои што информираше Министерството за здравство,
– Потсетуваме претпоставените лица да ги следат насоките и препораките на државата, а кои се однесуваат на ослободување од работни обврски на родител кој има дете до 10 години (активно четврто одделение) и за кое ќе се донесе потврда. Истото важи и за самохраните родители; и
– Во услови кога не е нужно, се охрабруваат редакциите да избегнуваат организирање состаноци и колегиуми во поширок состав.
Од исклучителна важност е новинарите и медиумските работници безбедно да ја вршат својата работа, земајќи предвид дека поради природата на новинарската професија дел од нив директно се изложени на контакт со луѓе на отворен и затворен простор. Преку почитувањето на насоките на
кои што упатуваат нашите две организации, Здружението на новинарите и Советот за етика во медиумите, ќе помогнете да ги заштитите новинарите, а со тоа и да обезбедите предуслови за објективно информирање на граѓаните во услови на здравствена криза.
За крај, сакаме да укажеме дека во наредните денови ЗНМ и СЕММ ќе објават и упатство за безбедно и етичко постапување од страна на новинарите и медиумските работници во согласност со меѓународните стандарди и насоки.
Се надеваме дека ќе наидеме на позитивен одговор на препораките и насоките кои ги упатуваме за заштита на вработените и ангажираните лица во медиумите.

СЕММ, ЗНМ