ПОЛИТИЧКИ ЦИРКУЗАНТ! – Георги АЈАНОВСКИ

Сподели

13076662_1003639613054306_5485997660944431789_n-1-2-1-1-1-1

По принудното повлекување од премиерската функција и соочен со кривичен прогон кој што на големо се подготвува во СЈО, сведоци сме како лидерот на ВМРО-ДПНЕ Никола Груевски нападно и неконтролирано настојува да одглуми незаменлив водач од кој што небаре зависи судбината на државата. Глетките од неговите секојдневни обиколки во македонските села и градчиња, отсликува една тажна и очајна човечка фигура, неизлечиво заробена во своето болно самољубие. Приближен од дузина безр`бетни министерчиња и понизни локални кметови, преку мобилни наредби поставува задачи што тие цела деценија наназад не биле способни да ги извршат. Неговите парадни настапи пред тамошното население секогаш се одвиваат по исто сценарио: – Ви треба пат? Пиши: – Да се изгради пат! – Ви треба водовод? Пиши: Да се изгради водовод! – Ви треба спортска сала? Пиши: Сала со пливачки базен и тениско игралиште!

Сета таа патувачка циркузијада ме потсети на една анегдота од порнешниот систем, кога еден пратеник во занес на својот предизборен говор им ветил на селаните дека ќе им изгради голем бетонски мост, иако во селото немало ни река, ни поточе.

Меѓутоа, неговата опседнатост со моќта на своето досегашно владеење, доби застрашувачки димензии кога една катаклизмична состојба, како што беа катастрофалните поплави во околината на Скопје, се обиде да ја стави во функција на своите изборни партиски цели. Додека луѓето во очај трагаат по своите најблиски и сеуште не се знаеше конечниот број на загинатите и исчезнатите, во околности кога нивните живеалишта беа претворени во пустош и никој не можеше да им каже како тие ќе ги продолжат своите осакатени животи, Никола Груевски, човекот под чиј налог беа потрошени преку половина милијарда евра на безвредни споменици и лажни барокни градби, препуштајќи го Скопје на милост и немилост на природните стихии, лицемерно позираше пред телевизиските камери во улога на нивен божемен единствен спасител и голем добротвор. Притоа, не наоѓајќи ни збор утеха за нивните страдања, ни збор самокритика  и извинување за грешките и пропустите на државните органи во менаџирањето на кризата, за личната одговорност, што по еднодецениско владеење македонскта почва останува незаштитена и постојано изложена на водени опустошувања.

Па, сепак едно станува се поочигледно: преокупиран исклучиво со сопственото преживување во власта и преплашен од можноста наскоро да биде суден за извршени криминални престапи, Груевски од ден во ден, несвесно влече потези со кои што само го продлабочува дното во кое неповратно пропаѓа и политички се обезглавува.

Во контекст, повеќе ни нема никаква дилемa, дека црната декада на груевизмот со сите свои измами, лаги и политички трикови кои ги користеше за зацврстување на своето владеење, ближи кон својот неславен крај, оставајќи зад себе несогледливи последици за македонската држава и нејзините граѓани. Затоа, независно од исходот од претстојните избори, од исклучително значење за нашата демократија ќе биде доколку и партијата во која што се изнедри тоа политичко-криминално зло, сфати дека и таа самата била жртва на неговата деспотска ненаситност, претворајќи ја во најобично орудие за реализација на своите фатаморгански преродбенички проекции и опасни национални однародувања!