„Политико“: Македонија веројатно последна ќе влезе во ЕУ во 2030 година

Сподели

Ниту една земја од Западен Балкан нема да стане членка на Европската Унија пред 2025 година, пишува европското издание на порталот „Политико“, кое е посветен на работата на ЕУ и нејзиното проширување.

Според овој портал, Македонија најверојатно би била последната земја од Западен Балкан која би се приклучила кон ЕУ.

Аналитичарите на порталот сметаат дека Македонија има 50 отсто шанси да влезе во ЕУ, но не пред 2030 година. Иако земјата има помалку внатрешни проблеми од Босна, „преговорите за членство се болно бавни“, пишува „Политико“. Како пречка во евроинтеграциите се наведува проблемот со името со Грција, затегнати односи со Бугарија, како и постојаните забелешки на ЕУ и на меѓународната заедница за степенот на демократија и за владеењето на правото.
„Политико“ оценува дека прв кандидат за членство во 2025 година би можела да биде Албанија, која веќе е членка на НАТО и е „ослободена од проблемите на југословенските војни во 90-те години на минатиот век“.

Шансите на Србија за членство се 80 отсто, но не пред 2027 година. Србија, која е најголема земја претендент за влез во ЕУ, се оценува како стабилизирачка сила во регионот и добар сосед ако е во ЕУ. Сепак мал е прогресот во борбата против корупцијата, пишува порталот и додава дека Србија и понатаму ќе одбива да го признае Косово, освен ако не и се понуди членство. Тоа се оценува како добра тактика, но се истакнува дека не во духот на нормите на ЕУ.

Црна Гора според проценките на порталот има 90 отсто шанси да влезе во ЕУ, но не пред 2027 година. Истата година се очекува и Босна и Херцеговина, иако оваа земја е во најлоша положба и би можела да ги забавува сите останати држави во случај Брисел да бара земјите од Балканот да се приклучат во форма на блок. Според „Политико“, иако шансите на БиХ се 50 отсто и би можела да стане членка во 2027 година, тоа најверојатно ќе се случи многу подоцна.

Косово иако има 30 отсто шанси за влез во ЕУ, според порталот, оваа земја би можела да стане дел од европското семејство во 2027 година. Како предност се наведува што Косово веќе го има прифатено еврото како валута и се труди да ја усогласи работата на институциите со европските закони. Како мана се наведува тоа што пет членки на ЕУ не ја признаваат независноста на Косово, како и „длабоко вкоренетата корупција и политичката поларизација.

meta.mk