Полициски службеници спасија две заталкани лица на Шар планина

Сподели

 

Вчера на 19. август околу 21 часот и 15 минути, во Секторот за внатрешни работи Тетово било пријавено дека Е.Х.(31) и неговиот брат С.Х.(25), двајцата од Скопје, кои околу 14 часот со мотоцикли се упатиле кон Титов врв на Шар планина и планирале да стигнат во Стрезимир, заталкале во планината, а им се случил и дефект.

На Е.Х. му се влошила и здравствената состојба, па неопходна му била лекарска помош.

Веднаш по пријавувањето, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Маздрача и од Секторот за внатрешни работи Тетово, поделени во неколку групи, започнале со пребарување на теренот, а околу 1 часот тие биле пронајдени на потегот помеѓу Титов врв и Враца рид, над Боговиско езеро, по што за кусо време биле пренесени во тетовската клиничка болница за укажување на лекарска помош и потоа заминале во своите домови.