Вести Свет

Постигнат договор: Парламентарни избори во Албанија на 18 јуни

Сподели:

По неколкучасовни преговори на лидерите на политичките партии во Албанија и разговорот на премиерот на земјата, Еди Рама, со лидерот на опозициската Демократска партија, Љуљзим Баша, постигнат е договор за одржување парламентарни избори на 18 јуни и учество на опозицијата, која претходно најави бојкот на изборите, јавува Anadolu Agency (AA).

Лидерот на Демократската партија на Албанија, Љуљзим Баша, доцна синоќа потврди дека е постигнат договор со владата и дека јавноста во врска со тоа ќе биде подетално информирана во следните 24 часа.

Албанската опозиција од 18 февруари го бојкотира парламентот и парламентарните седници со барање да се формира техничка влада. Баша во неколку наврати повика на оставка на Рама и воведување на повеќепартиска влада, што премиерот на Албанија го одби.

Албанија потона подлабоко во политичка криза откако неуспеа обидот на Европскиот парламент за посредување меѓу власта и опозицијата. Последниот обид за изнаоѓање компромис го водеше челникот на политичкиот одбор на парламентот на ЕУ, Дејвид Мекалистер, и беше неуспешен. Во преговорите меѓу власта и опозицијата посредуваше и албанскиот претседател Бујар Нишани.

Сподели: