Постигнат е Договор за медицинските сестри со непризнаено високо образование

Сподели

 

По вчерашниот состанок на Унијата на ЗМСТАС, предводена од Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“, со претставниците на иницијативата на медицински сестри со непризнаено високо образование и претседателот на Гранковиот синдикат – Љубиша Каранфиловски, направен е првиот чекор кон решавањето на овој проблем.

 

 

“И покрај бурниот период поврзан со ковид пандемијата во кој се наоѓа нашата професија, сепак решивме да организираме состанок, пред се поради итноста и зголеменото незадоволство кај медицинските сестри. Многу пати Унијата апелираше до надлежните за овој проблем, но се чини дека со зголемувањето на обврските, со недостатокот на кадар и со согорувањето на работното место, апсолутно сме дојдени до максималната точка на издржливост и иницијативата која ја поттикнуваат медицинските сестри, со непризнаено високо образование е навистина оправдана. Ова е еден мал сегмент од нерешените статуси со кои се среќава нашата професија, но се додека не го донесат Законот за сестринство, ние мораме вака, да ги решаваме проблемите поединечно.“ – изјави претседателот на Унијата, сестра Гордана Бешлиовска.

Средбата резултираше со постигнување договор со Гранковиот синдикат за понатамошно водење на овој случај и изнесување на соодветно барање пред надлежните. Унијата во соработка со координаторите низ нашата земја ќе ги евидентира сите медицински сестри кои се со непризнаено високо образование, а по сублимирањето на бројките синдикатот ќе договори средба со Фондот за здравство и Министерството за здравство, за да се оформи предлог решение.

 

 

Министерството за здравство исто така веќе од денес, ќе започне со евидентирање на медицинските сестри со непризнаено високо образование испраќајќи барање за пребројување во институциите ширум земјата, соопштуваат од ЗМСТАС.