Вести Македонија Ударни вести

Потпишан Меморандум помеѓу ЗНМ и РКЕ за соработка и поголема транспарентност

Сподели:

 

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) потпишаа Меморандум за соработка во кој основен постулат е информирање на граѓаните за постапките и процесите за заштита на правата на потрошувачите за енергетските услуги.

Меморандумот за соработка е дополнителен чекор кон унапредување на мисијата за транспарентност на работењето, а точната и навремена информација кон медиумите и јавноста е клучна во оваа определба – се сложија потписниците на меморандумот, соопштија од ЗНМ.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски истакна дека Меморандумот е формализација на заложбите за точна и навремена информација за потрошувачите на услугите кои ги регулира РКЕ, а ќе претставува и основа за понатамошна взаемна соработка.

„Ова ќе помогне на новинарите од економските редакции подобро да ја разберат суштината на работата на РКЕ, но и на компаниите од оваа дејност и ќе имаат целосен пристап кон информации што ја третираат оваа тематика“, изјави Младен Чадиковски.

„Од првиот ден кога ме назначија за претседател на Регулаторната комисија за енергетика, заедно со членовите клучна цел што ја зацртавме ни беше институцијата да ја отвориме за граѓаните, затоа што и основната функција на регулаторното тело е да ги штити правата на потрошувачите. Имајќи предвид дека регулираме дејности кои задираат во основната функција на живеењето и работењето, свесни за неопходноста на точна и навремена информација до јавноста и граѓаните го зајакнавме тимот соодветно со лица кои ќе работат токму во овој сегмент. Искуството од Здружението на новинарите убедени сме дека ќе ни помогне во обука на стручните служби во квалитетно пласирање на информациите за јавност, а и нашата експертиза ќе ја надградиме во насока на вештини за поедноставена комуникација разбирлива за сите. Овие заложби не се само декларативни, истите позитивно се рефлектираа во однос на оценетата транспарентност и стручност преку признанијата што ги добиваме од Енергетската заедница за најдобар регулатор од членките и тоа две години по ред,“ изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги.

Овој меморандум е со цел да се направи платформа за соработка и обуки помеѓу членовите на РКЕ и новинарите како и кампањи за осознавање на надлежностите, улогата и значењето на РКЕ. Со меморандумот се опфаќа можност за пристап до стручни материјали и литература во РКЕ и ЗНМ, изработка на анализи и истражувања.

Сподели: