Пожар изби во велешката топилница – не се знае дали има запаливи хемикалии

Сподели

 

Експлозија и пожар во велешката топилница ги вознемири жителите на градот, кој повеќе од четири децении се бори со последиците од работата на овој индустриски капацитет, пренесува мета.мк. Инцидентот се случил вчера, а фотографии како густ чад се издига над објектите на некогашната топилница се проширија по социјалните медиуми.

Од Државниот инспекторат за животна средина информираат дека увид на лице место бил направен веднаш и било констатирано дека пожарот избувнал во текот на сечење метал од постројка за филтрирање, но не можеле да утврдат дали причината е контакт на искра со стара електрична инсталација или со талог од експлозивна хемикалија. Инспекторите во кругот на фабриката, сопственост на компанијата „Метрудхем“, затекнале вработени од фирмата „ЗД Отпад Охрид“ како сечат старо железо.

Топилница, Велес Фото: ДИЖС

„За да се спречи можна хаварија, државен инспектор за животна средина вчера изрече усна забрана за работа на ‘ЗД Отпад Охрид’, компанија која е ангажирана од ‘Метрудхем’ да го отстрани отпадниот метал од локацијата. Во најитен рок ‘Метрудхем’ мора да достави документација за отстранување хемикалии и опасен отпад и нивно евентуално чување на локацијата. Истовремено, се врши надзор и врз ‘ЗД Отпад Охрид’, за да се утврди колкави количини отпаден метал се веќе отстранети и дали отпадниот метал е потенцијално контаминиран со опасни материи. По анализата на документацијата и прибирањето докази, ќе бидат превземени соодветни мерки“, информираат од Инспекторатот.

Еколошките организации од Велес, кои речиси две децении се борат да го решат проблемот со ова историско жариште, бараат сопственикот на велешката топилница да биде казнет заради тоа што го загрозува здравјето на жителите на градот, но и нивната безбедност. Екологистите инсистираат државниот инспекторат да не го остава случајот на реализиран увид и на констатирани прекршоци, туку веднаш да изрече казни и да го контролира понатамошното постапување со објектите во кругот на фабриката.

„Сопственикот на објектите морал да даде известување дека има намера да презема активности во топилницата. Жителите на овој град, кои и денеска страдаат од последиците од овој капацитет имаат право да бидат безбедни и заштитени, а здравјето да не им се доведува во прашање. Сопственикот има обврска да го расчисти земјиштето, но тоа мора да се направи според сите протоколи, а не тајно“, вели Игор Смилев, еколошки активист од Велес.

Тој вели дека голема количина сулфурна киселина е сè уште складирана во депо, кое сè уште стои во напуштената зграда на некогашната Топилница и дека тие со години наназад предупредуваат дека опасност за здравјето на велешани не е само црниот рид со згура, туку и објектите. Смилев потсетува дека земјиштето каде што се лоцирани објектите на велешката топилница е државно, а по измената на Генералниот план тука е предвиден зелен појас на заштитно зеленило што до денеска не е направен.