Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во знак на протест ја напуштија собраниската сала

Сподели

Собраниското мнозинство на денешната пленарна седница го отфрли предлогот на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, за донесување закон за зголемување на пензиите за 5% од 1. јануари следната година.
По ова, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, во знак на револт, ја напуштија салата.

-” Во знак на револт, сите пратеници од опозицијата во овој момент ќе ја напуштат седницата и на парламентарното мнозинство ќе им дадат 15 минути да обезбедат кворум за продолжување на седницата. Доколку не го сторат тоа ние ќе се вратиме назад. Ова е само во знак на протест, јавноста да дознае за одлуките на парламентарното мнозинство”, рече Илија Димовски, координатор на една од пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ.

На денешната седница, со 64 гласа „за“ пратениците го поддржаа предлогот во процедура по скратена постапка да влезат измените на Изборниот законик, со кои Движењето Беса треба да добие член во Државната изборна комисија, како политичка партија од опозицијата со втор најголем број освоени пратенички места на последните парламентарни избори.

Инаку, на дневен ред на денешната седница се и интерпелациите што ги поднесе ВМРО-ДПМНЕ за министрите за земјоделство, шумарство и водостопанство, за труд и социјална политика и за надворешни работи, Љупчо Николовски, Мила Царовска и Никола Димитров.
Седницата продолжува во 12.30 часот.