Православните христијани утре го слават Бадник, задутре Божиќ

Сподели

Православните христијански верници во Македонија утре го слават Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово – Божиќ.

Бадник традиционално ќе биде одбележан со собир пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје.

Свештениците од Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ ќе ги осветат нафората, чајот и ракијата, како и бадникарските гранчиња, што годинашниот кум и здравичарот традиционално порано ги набраа на падините на Водно, а кои ќе им се делат бесплатно на присутните.

Во пресрет на Бадник, вечер во скопските маала и во другите населени места во Македонија ќе се одржат народни собири со палење бадникарски огнови. Рано изутрина, пак, Рождеството Христово ќе го најават децата коледарчиња.