Вести Македонија

Предвремени избори на 11 декември, привремена влада в петок

liderska-31-08-860x680

Лидерите на четирите политички партии потписнички на Договорот од Пржино вечерва се договорија на 11 декеври да се одржат предвремните парламентарни избори. Четворицата лидери задоволни од постигнатото кажаа дека се исполнети сите услови за фер и демократски избори. Задоволни од договореното се и двајцата претставници на меѓународната заедница, амбасадорот на САД во земјава, Џес Бејли и претставникот на Европската Унија, Лукаш Холуб.

Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи ги ставија своите потписи на заедничката изјава за датумот на одржување на изборите, како и за решенијата за уредник на инфромативната редакција на МТВ, петтиот член на ад хок телото за следење на медиумите во предизборниот период и за методологијата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

dogovorot od liderskata sredba 2

Договорот по денешната лидерска средба, потпишан од лидерите на четирите политички партии

Според договорот Владата која ќе ги организира изборите ќе биде избрана на 2 септември, односно в петок, оваа недела, а истиот ден со работа треба да започне и главната уредничка на информативната редакција на МТВ, Санта Аргирова и ад хок телото за надзор на медиумите во предизборниот период, чиј петти член ќе биде новинарот Љуљзим Хазири.

Лидерите на партиите, стои во изјавата, исто така се „обврзуваат на демократска и фер изборна кампања, без насилство, заплашувања и ќе ја осудат употребата на јазик или каква било друго дејство кое може да предизвика насилство или заплашување“.

Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, рече дека е многу добро што потпишале договор, но исто така ќе биде добро, додаде тој, ако партиите кои ќе бидат дел од привремената влада и на терен да го почитуваат договореното и да ги исполнат условите за фер и демократски избори на 11 декември.

– Денеска го потпишавме договорот за одржување на фер и демократски избори на 11 декември, но сепак за нас главен гарантор за договорот останува меѓународната заедница – рече Тачи.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев изјави дека со денешниот договор режимот на Груевски заминува во историјата.

– Се изборивме граѓаните на 11 декември да гласаат слободно и да и се даде можност да ги победат партизацијата, корумпираното судство и омразата. На 11 декември нема да одлучуваме само за иднината на нашата генерација затоа што овие избори ќе бидат референдум. Граѓаните ќе бираат дали сакаат да живеат во сиромашната Македонија на Груевски или пак во богата Македонија на граѓаните – рече Заев.

Тој додаде дека се исполнети минимум условите за фер и демократски избори, иако мали отстапки се направени околу Законот за медиуми. Тој предупреди дека онаа партија која што ќе го прекрши договорот се откажува од одржувањето на изборите. Исто така Заев упати порака до Груевски, да не се обиде да посегне по Специјалното јавно обвинителство.

Амбасадорот на САД, Џес Бејли и претставникот на Европската Унија, Лукаш Холуб рекоа дека се горди што помогнале во овој процес и веруваат дека овој договор е чекор напред во решавањето на политичката криза во Македонија.

Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Никола Груевски изјави дека е задоволен што ги довеле СДСМ во ситуација од каде што не можат повеќе да ги одложуваат изборите.

– Минатата година СДСМ создаде криза и до ден денеска ја одржува. Ние ги преземавме сите потребни чекори за да не можат повеќе да ги одложуваат изборите. Добро е што ја потпишаа заедничката изјава, но со нив никогаш не се знае – рече Груевски.

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети рече дека е задоволен од договорот и дека се исполенти сите услови за фер и демократски избори на 11 декември.

meta.mk

Сподели: