Премиерот Заев во Пустец: Албанија ја негува европската вредност за почитување на малцинските заедници

Сподели

 

Македонците во оваа земја имаат институционална поддршка да се школуваат на својот мајчин јазик и да се организираат политички.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев и министерката за образование и наука Мила Царовска, денеска, при посетата на Општина Пустец, Мала Преспа во Албанија, заедно со своите домаќини Васил Стерјоски, пратеник во албанскиот Парламент од партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) и градоначалникот на Општината, Пали Колефски го посетија заедничкото основно и средно училиште „Митре Колефски и Трајан Ѓоргијовски“, каде беше потврдена донацијата која премиерот Заев ја обезбеди преку македонски компании за поддршка на инфраструктурното уредување на училишниот двор и дворот на градинката. Денеска беа реализирани 15.000 евра од вкупно 30.000 колку што е донацијата. Останатите средства ќе се донираат во февруари 2021 година.

„Чест ми што сум овде, бидејќи ова заедничко основно и средно училиште е реновирано со поддршка на Владата на Република Северна Македонија како резултат на заклучоците на заедничката седница со Владата на Албанија што се одржа во Поградец во 2018 година. Реализацијата на оваа иницијатива дојде со покажаната добра волја од страна на Владата во Тирана која прифати во реконструкцијата на 33 основни и средни училишта во Албанија, да биде вклучено и заедничкото основно и средно училиште во Пустец, во кое наставата се изведува на македонски и на албански јазик’, рече премиерот Заев подвлекувајќи дека оваа остварена иницијатива е потврда за успешното градење на пријателските односи меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија кои продолжуваат да се зацврстуваат и со реализација на многу други проекти од заеднички интерес.

Тој ја истакна големата важност и посебна нишка на поврзаност на двата народа, која ја претставуваат Македонците во пријателска Албанија и изрази уверување дека заложбите на Владата на Северна Македонија се во насока на помагање  во повеќе сегменти од секојдневниот живот на месното население, почнувајќи од образовниот процес па се до прашањата од комуналната сфера, за што и денеска разговараа со градоначалникот Колефски.

„Денеска со нас донесовме одреден број книги од кодификаторот на современиот македонски јазик Блаже Конески, како и одреден број учебници кои можат да претставуваат дополнување на наставата во заедничкото основно и средно училиште во Пустец. Со поддршка на Владата и на нашето Министерство за образование и наука ќе ја поттикнеме и поддржиме непосредната соработка на македонските друштва во Албанија и на образовниот кадар по македонски јазик во училиштата од Мала Преспа со Институтот за македонски јазик Крсте Петков Мисирков, со Советот за македонски јазик, со Меѓународниот семинар за македонски јазик и со Филолошкиот факултет при Универзитетот во Битола, за организирање семинари и обуки на наставниците кои држат настава по предмети на македонски јазик“, рече Заев кој додаде дека во делот на образованието се преземаат дополнителни напори за создавање подобри услови за изучување на македонскиот јазик во средините во кои живее македонско население.

Премиерот Заев најави започнување на постапка за отворање на почесен Конзулат во Корча, во текот на 2021 година, подвлекувајќи дека тој ќе биде од особена важност и ќе претставува нова алка од повеќекратно значење за Македонците кои живеат во овој дел од Република Албанија.

Министерката за образование и наука Мила Царовска најави потпишување на договор за соработка со Република Албанија во делот на образованието.
„Среќна сум што денес заедно со премиерот Зоран Заев и мојата колешка Евис Куши, министерката за образование на Албанија, ги посетивме учениците и наставниците од Пустец каде наставата согласно законското право се одвива и на македонски јазик. Со албанската Влада заеднички ќе работиме на унапредување на условите во двете основни и едното средно училиште во Пустец, како и воопшто на унапредување на целокупната соработка помеѓу двете земји во сите сфери на образованието“, рече Царовска.

Денешната посета на Општината Пустец, премиерот Заев ја искористи за средба и разговор со пратеникот Васил Стерјовски и градоначалникот Пали Колефски при што беше изразена јасната определба на Северна Македонија за продолжување на меѓусебната соработка со Република Албанија, преку отворен и конструктивен политички дијалог, како најприфатлив можен начин за градење добрососедски односи и просперитетна иднина и остварување на заедничката визија за просперитетен и меѓусебно поврзан регион, интегриран во НАТО и Европската Унија.

На средбата беше изразена подготвеност за давање поголема динамика на заедничката комуникација меѓу Северна Македонија и Албанија и продолжување на иницирање и учество во проекти од интерес на двете држави и продлабочување на пријателските односи како потврда дека Албанците во Северна Македонија и Македонците во Албанија се мост за градење блиски односи меѓу двете земји.