Мрежа за спречување на одлив на мозоци: Како да ги задржиме младите

Сподели
Според Светската банка, С. Македонија во последните 15 години ја имаат напуштено над 500.000 лица. Економските последици од иселување се огромни каде што државата губи по 15 846 ЕУР од секој млад човек кој ќе ја напушти нашата држава.
 
Имајќи го ова во предвид, Мрежата за спречување на одлив на мозоци, во пресрет на парламентарните избори изготви реакција до сите политички актери да покажат дека имаат визија како повеќе млади да останат во земјата.

“Претстојните парламентарни избори се шанса за политичките партии да покажат дека имаат визија како повеќе млади да останат во земјата. Бидејќи следните четири години не навестуваат дека трендот на одлив на мозоци и иселување на младите од земјата ќе престане, одвраќањето на овој тренд треба да биде највисок приоритет за политичките партии.

Во претстојната предизборна кампања младите треба да видат што е тоа што политичките партии имаат да го понудат, а е поразлично од претходно и навистина ќе направи разлика во рок од еден мандат. Состојбата и сериозноста на ситуацијата со одливот на млади луѓе од земјава го скратува луксузот за празни флоскули и бара конкретни решенија. Со оглед на повеќеслојноста на феноменот на одлив на мозоци, младите и младинските организации очекуваат идеи и конкретни планови пресликани во сите аспекти на политичките програми. Политичките програми треба да ја рефлектираат моменталната ситуација, да посочат приоритетни области, конкретни цели и рокови и да определат засегнати институции и ресурси.

Политичките партии треба да ги консултираат младите, младинските организации. Ниедна идеја за младите нема да биде успешна без нивно активно вклучување. Но, вклучувањето на младите во никој случај не се исцрпува само со консултација. Политичките партии треба јавно и недвосмислено да се обврзат дека ќе ги земат предвид потребите и препораките на младите и младинските организации. Претстојните избори се, исто така, шанса и за подмладоците на политичките партии да покажат дека имаат можност да влијаат врз политичките програми и силно да се засегнат да ги застапуваат интересите на младите.

Ние како младински организации од Мрежата за спречување на одлив на мозоци, сметаме дека е важно младите да учествуваат во политичкиот процес и да го остварат своето право на глас. Но, исто така, ние немаме илузии дека младите ќе излезат да гласаат доколку не видат јасни идеи за како да се подобри нивната ситуација. Политичките партии што ќе успеат да покажат дека имаат доблест да ги согледаат грешките од минатото и визија да ја обликуваат иднината, имаат шанса да ја добијат поддршката од младите гласачи. Ќе бидат препознаени само идеи кои ќе го надградат нивото на кое досега засегнатите институции се грижеа, како за младите во земјата, така и за младите кои веќе ја напуштија.

Досега, младите, а и целото општество во целина сведочеше ограничени обиди да се одврати трендот на одлив на мозоци. Досегашните обиди беа на маргините на политичкиот ангажман без ни приближно доволна насоченост на соодветни ресурси. На политиките за спречување на одлив на мозоци им недостигаше сеопфатност и континутитет. Со цел конструктивен придонес и отсликување на контурите на очекуваната интервенција, Мрежата за спречување на одлив на мозоци, подготви низа на конкретни препораки кои може да се земат предвид при подготовка на политичките програми.

ПРЕПОРАКИ

  • Министерството за образование и наука да донесе нова Стратегија за спречување на одливот на мозоци и стимулирање на циркуларната миграција со реални мерки и активности и фокус на најновите неекономски трендови и податоци за младите
  • Министерството за образование и наука да спроведе реформа на сите нивоа на образование која ќе се базира на користење нови технологии, дигитализација и модернизација на наставните програми и администрацијата.
  • Министерството за образование и наука да овозможи практични и модерни вештини барани на пазарот на трудот преку редовна и вонредна настава и активности, како и обучување на наставниот кадар за модерни начини на пренос на знаење, методологија и технологија.
  • Министерството за образование и наука да стави во употреба и да формира нови кариерни центри во средните училишта и универзитетите кои ќе им помагаат на младите во нивниот кариерен избор и професионално усовршување, потпирајќи се на потребите на домашниот пазар на труд.
  • Агенцијата за иселеништво и Агенцијата за странски инвестиции да формираат систам за прибирање информации за нашата млада интелектуална дијаспора и да интензивира промоцијата на државата како “инвестициски рај” со цел привлекување директни инвестиции од младите и пренос на знаење, практики и искуство.
  • Државните институциите да создадат овозможувачка културата на вклучување на младите и користење на нивното знаење и потенцијал и да се дигитализираат услугите на државната администрација за остварување на основните права на младите и бизнисите водени од млади.
  • Министерството за економија да охрабри и финансиски да поддржи отворање на бизниси на локално ниво и да се децентрализира понудата и работата на бизнисите основани од млади луѓе
  • Агенцијата за млади и спорт да ја прошири и интензивира праксата на отворање младински центри во секоја општина во државата и создавање децентрализирани можности за раст, развој и практични животни вештини на младите.
  • Агенцијата за млади и спорт да го стави одливот на мозоци и миграцијата на младите како еден од приоритетите на работењето на и да се стимулира соработка со другите институции во однос на ова прашање.
  • Државниот завод за статистика да прибира и врши квалитативна анализа на статистички податоци за младите, нивните миграции и посебно за емиграцијата на младите и образовани стручни кадри.”