Вести Македонија Ударни вести

Прес конференција на министерот Чулев и претседателот на ДИК, Деркоски

 

“На 15 – ти јули оваа година се одржуваат предвремените парламентарни избори на кои граѓаните имаат можност да гласаат, односно да го искористат своето уставно загарантирано право.

Улогата на Министерството за внатрешни работи во изборниот процес е јасна, а тоа е: заштита на човековите права и слободи за време на изборниот процес, максимална безбедност на граѓаните, овозможување слободно изразување на правото на глас и секако отсуство на секаков вид на толеранција кон сторителите на кривични дела или прекршоци, нивно навремено откривање и спречување да вршат кривични дела или прекршоци насочени против изборниот процес“.

 

 

Ова меѓу другото го истакна денес министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на прес конференцијата одржана во министерството за внатрешни работи а посветена на претстојниот изборен процес на која што присуствуваше и претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Деркоски.

 

 

“Ова се десетти по ред парламентарни избори од осамостојувањето на нашата држава кои се разликуваат од сите претходни по фактот дека се одржуваат во услови кога земјата е соочена со пандемијата од ковид-19“ потенцираше министерот Чулев. Но, како што нагласи – тој факт не треба да не поколеба во намерата да се овозможи тие избори да поминат во мирна, фер и демократска атмосфера.

“Задачата на техничката влада и партиципирање на опозицијата во неа, е во насока на остварување токму на оваа цел. Ние сме цврсто решени дека кога е во прашање регуларноста и законитоста на изборниот процес воопшто нема дилема дека тој треба да биде кристално чист“, изјави Чулев.

Според Чулев сите претходни активности на МВР, но и активностите што претстојат, вклучително и денешната промоција на видео и печатените материјали изработени во соработка со Државната изборна комисија,  се јасна демонстрација на таквата намера.

“Денес преку оваа прес конференција и преку целата промотивна кампања која ќе се реализира во следниот период испраќаме јасна порака дека нема простор и толаренција за изборен поткуп, но и праќаме порака дека Министерството за внатрешни работи соодветно ќе ги санкционира сите активности кои ќе бидат насочени кон било каква форма на притисок, заплашување и поткуп на гласачите“,  притоа апострофирајќи ја важноста од добрата и тесна соработка помеѓу МВР и ДИК,  којашто сама по себе е од исклучително значење за изборите, потенцираше министерот Чулев.

За Чулев неспорно е дека европскиот пат на кој се наоѓа нашата држава и интеграцијата на нашата земја во европското семејство е директно условена од регуларноста на овие избори, а наедно од нивната регуларност зависи и легитимитетот и кредибилитетот на идната влада.

“Но, ниту една друга цел не е поважна од фактот дека пред се граѓаните заслужуваат овие избори да бидат мирни и безбедни.  Во таа насока во оваа прилика уште еднаш потенцирам дека Министерството за внатрешни работи ги има ставено на располагање сите свои капацитети со кои ја гарантира безбедноста на овие избори.  Тука ќе споменам дека веќе е формиран Републички оперативниот изборен штаб со кој раководи Директорот на Бирото за јавна безбедност, а во фаза се и обуките на полициските службеници за соодветно постапување на денот на одржување на изборите“ нагласи Чулев.

Тој на крајот од своето излагање упати апел до сите политички чинители да ги почитуваат законите, да водат фер и демократска кампања, охрабрувајќи ги граѓаните дека МВР е максимално отворено за сите нивни забелешки и пријави околу изборниот процес а пред се кога е во прашање кршењето на избирачкото право.

 

Сподели: