Вести Македонија Ударни вести

Се преуредува Сквер Јадран – повеќе простор за пешаците и велосипедистите

Сподели:

 

Уредувањето на Сквер Јадран, во центарот на градот, е во целосна согласност со тенденцијата на Град Скопје да ослободи и да уреди колку што е можно повеќе простор за пешаците и за велосипедистите, рече денеска градоначалникот Петре Шилегов, на почетокот на реконструкцијата на овој сквер. На денешната прес-конференција присуствуваа и градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ и претседателот на здружението „Гоу Грин“, Антонио Јовановски.

 

 

Градот Скопје ја поддржува акцијата што ја презема Општина Центар, таа е во насока на она што и Градот Скопје го работи на подрачјето на Малиот ринг. Знаете како денес изгледа делот од плоштадот каде што порано на секој дожд се создаваше вирче и граѓаните не можеа да го користат, знаете како порано тротоарите кај „Тинекс“ беа користени за паркирање, облагороден е просторот пред Пошта, а во моментов се работи спроти Охридска банка. Централното градско подрачје треба да стане простор којшто ќе служи на потребите на граѓаните, а не на нивните автомобили – рече Шилегов.

 

 

Градоначалникот Богдановиќ денеска најави дека во текот на реконструкцијата на Сквер Јадран ќе се заменат бекатон-плочките и рабниците, ќе се постават нови клупи, корпи и корпи за селектирање на отпад, ново осветлување и нови дрвја со систем за наводнување.

За првпат на територијата на Општина Центар и воопшто на територијата на цела држава, ќе бидат поставени паметни клупи на јавна површина од страна на здружението „Гоу Грин“. Новите паметни клупи ќе обезбедат бесплатен интернет и можност за полнење на мобилни телефони – најави Богдановиќ.

„Потребата за еден ваков проект беше неопходна за центарци, но и за сите граѓани на територијата на Град Скопје. Потребна ни беше нова стратегија која ќе се базира на основните еколошки и социјални принципи за одржлив развој на нашиот град. Поставувањето на трите паметни клупи се важен дел од аспект на одржлива урбана опрема која ќе овозможи услуга во секојдневието на минувачите, како и неверојатни погодности за граѓаните. Новите паметни клупи ќе обезбедат бесплатен интернет, сензор за квалитет на воздухот и полнење на мобилни уреди од соларна енергија. Секој граѓанин, преку користење на мобилна апликација ќе може да ги користи придовките од паметната клупа, посебно во делот за мерење на индексот на загадениот воздух во Скопје“, рече градоначалникот Саша Богдановиќ.

 

 

Со цел проектот што го реализира Општина Центар да биде поуспешен, обезбедена е и донација од Еврејската заедница за нов дрворед од јапонски цреши.

Здржението Гоу Грин преку овие паметни клупи според Меморандум потпишан со Општина Центар ќе прибира средства за одржување на еко зоните и проширување на нивната содржина во иднина.
Главниот концепт е поставување зелена зона, како континуирана лента на зелен појас во централното градско подрачје од двете страни на профилот на улицата "Васил Главинов" со широчина од 120 см. Во рамки на оваа зона, предвидено е садење на нов дрворед од 20 дрва од типот Prunus serrulata Kanzam [Јапонски цреши], како и континуирано ниско зеленило во долната зона со зелени грмушки од [Ligustrum taxanum] и [Abelia Kaleidoscope] и Перени од типот [Hemmerocalis]. Со ова ќе се намали поплочената површина и ќе се зголеми површината со зеленило долж тротоарот за движење на пешаците и велосипедистите.

 

 

Антонио Јовановски објасни дека проектот „Еко иновативни зони“ по иницијатива на „Гоу грин“ наишол на целосна поддршка од Општина Центар и со поддршка од Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој, успеале овој проект да стане реалност.

Сподели: