Вести Свет

Претседателот на бугарскиот парламент Никола Минчев разрешен

Сподели:

 

Никола Минчев повеќе не е претседател на Народното собрание, односно парламентот на Бугарија откако денеска пратениците изгласаа негово разрешување. Од вкупно 239 пратеници, 125 гласаа „за“, 113 беа против негово разрешување, а еден пратеник од „Продолжуваме со промената“, партиската алијанса на премиерот Кирил Петков, беше воздржан. Во дискусиите бугарскиот премиер беше обвинуван за национално предавство во врска со Северна Македонија, известува mediapool.bg.

Барање за разрешување на Минчев беше поднесено вчера од страна на пратениците на ГЕРБ, ДПС, „Има таков народ“ (ИТН) и „Преродба“. Како причини за барањето за негово разрешување беа наведени прекршувањето на Уставот и деловникот на Собранието, како и попречувањето на нормалната законодавна активност и спороведување на ефективна собраниска контрола.

Денешното гласање покажа дека новото мнозинство, составено од погоренаведените партии, по сѐ изгледа ќе успее да ја собори и владата, на гласањето доверба во текот на следната седмица, кое беше закажано на барање на ГЕРБ.

Минчев од говорницата изјави дека, според него, новоформираното мнозинство нема да донесе промени, туку цврсто ќе го зачува стариот модел на работа.

„Барањето за мое разрешување е со иста заднина како и барањето за гласање недоверба на владата следната седмица. На пленарната седница има ново мнозинство“, изјави Минчев и побара и новиот претседавач на Собранието да работи професионално и објективно.

Премиерот Кирил Петков од собраниската говорница му се заблагодари на Минчев за досегашната работа, додавајќи дека тој не е разрешен поради својата работа и квалитети, туку дека бил жртва на новоформираната коалиција.

„Сите што денеска гласаа против Никола Минчев покажаа дека не се грижат за оваа држава, дека не ги интересира сопствената идеологија. Тие се маркетинг компании кои ги лажат своите гласачи. Се креваат завесите и не се плашиме од избори“, порача Петков.

Во дискусиите што претходеа на гласаањето, од ГЕРБ стигна признание дека разрешувањето не е поради самиот Минчев, а сите партии се согласија дека тој е голем професионалец и адекватно управувал со парламентот. Од ДПС дури и признаа дека крајната цел е всушност соборување на владата.

Главните обвинувања стигнаа од ИТН, која до минатата седмица беше дел од владејачката коалиција. Пратеници од оваа партие тврдеа дека Минчев се обидел да ја натера доскорешната министерка за надворешни работи Теодора Генчовска, која е од редовите на ТИН, да изврши кривично дело во текот на сослушувањето за Северна Македонија. Тврдеа дека Минчев намерно дозволил седницата да биде отворена за министерката да изнесе информации од тајни документи.

Двајца пратеници на ИТН ги повторија традиционалните обвинувања од партијата дека премиерот Кирил Петков врши национално предавство поради Северна Македонија.

Минчев од парламентарната група на партијата „Продолжуваме со промената“ беше избран за претседател на Народното собрание на 3 декември минатата година./мета.мк

Сподели: