Цениме дека по завршување на прославата по повод 35 години независност, денеска можеме да направиме еден пресек којшто се однесува и во делот на организацијата, но и она што како Влада го ветивме, а тоа е дека наши приоритети се отчетноста и транспарентноста, изјави денеска на прес-конференцијата портпаролката на Владата, Марија Митева.

“Денеска, откако програмата е завршена, можеме да направиме реална оценка на тоа што се постигна. Имавме навистина прекрасно лето, лето во кое голем број на светски ѕвезди настапија во градовите низ Македонија, а истовремено најзначајниот дел од програмата беше посветен на домашната музичка, сценска и театарска сцена.
Сè започна на 2 Август во Битола со настапот на Стив Аоки, продолжи со караванот „Силно светнал ден“, кој помина низ повеќе градови во државата, со настаните во Струмица на кои настапија Пол Окенфолд и Пол ван Дајк, со рок-спектаклот на кој настапија македонски рок-групи, со голем настан на плоштадот во Скопје со македонските изведувачи и Хосе Карерас, а кулминацијата беше концертот на Градскиот стадион со Дејвид Гета, кој собра околу 50 илјади граѓани.
Кога уште на почетокот беше објавено дека Дејвид Гета ќе настапи на 8 Септември, се поставуваше прашањето зошто токму тој и зошто токму на Денот на независноста. Денеска, по завршувањето на прославата, мислам дека најдобриот одговор е токму она што сите го видовме на терен. Ова не беше прослава во која Македонија беше само публика. Напротив. Дејвид Гета беше еден сегмент од целата прослава и кулминација на програмата, а не замена за македонска култура и македонски уметници. Приближно 95 проценти од целокупната програма беа македонски изведувачи и македонски сценски содржини, со што практично покажавме дека домашната музичка, сценска и театарска сцена има капацитет да организира и реализира содржини на ниво кое може да биде споредувано со најголемите интернационални продукции. Сметам дека тоа е една од најзначајните пораки, затоа што целта не беше само да донесеме светски имиња во Македонија, туку да покажеме и дека македонските уметници заслужуваат голема сцена, голема публика и сериозна продукциска поддршка.
Уште од почетокот ветивме и транспарентност и отчетност. Во јавноста во изминатиот период имаше сериозен број на шпекулации и обиди целата прослава да се претстави како нешто нетранспарентно и спорно уште пред воопшто да се реализира. Опозицијата се обиде да фрли политичка дамка врз прославата, за жал, спремни се и на овие свети датуми да шират невистини тоа е факт за нив. Следуваа различни објави и конструкции со кои се создаваше недоверба кај граѓаните. Како Влада во тој период одлучивме дека не сакаме да влегуваме во дневнополитичка пресметка, денеска сметам дека е најдобар одговор не само да имаме политички објаснувања, туку целосно да ги презентираме фактите и документацијата.
Трошокот од Буџетот за овие настани не ги чини граѓаните. Ова не е информација која треба да ја прифатите само затоа што доаѓа од нас, од Владата, туку е лесно проверлива. Токму затоа денеска со нас е и директорот на Државната лотарија, господинот Александар Климовски кој ќе ја објасни и правната, но и финансиската рамка, за јавноста да може да ја има целосната слика за тоа како е обезбедено финансирањето и како е спроведена постапката.

Станува збор за средства од нераспределената добивка предвидена за 2024 година, а не средства кои се земени од државниот Буџет за да се финансира прославата. На 28 април 2026 година, на 167-мата седница, Владата донесе заклучок со кој се утврдија конкретните активности кои треба да се реализираат во рамки на прославата по повод 35 години независност. Согласно тие заклучоци, беше предвидено ангажирање на А-класа светски артист со А-класа продукција за настан на отворено, кој со своето име и квалитет гарантира посета од минимум 30.000 посетители, потоа организирање на настан со интернационална светска ѕвезда од А-класа во придружба на македонски артисти, како и организирање на минимум 12 настани на територијата на Македонија во форма на театарски и визуелни перформанси со концепт „35 години независна Македонија“.
Со истиот заклучок беше укажано на Државна лотарија да обезбеди средства од нераспределената добивка предвидена за 2024 година, во висина од 300 милиони денари, за спонзорирање на настаните, како и да објави јавен повик за прибирање на понуди за реализација на спонзорираните настани. Дополнително, беше предвидено формирање на комисија од надворешни стручни лица која ќе ја спроведе постапката за избор на реализатор.
Врз основа на вака донесените заклучоци, Државната лотарија носи одлука за формирање на комисија за спроведување на постапка по јавен повик. На 4 мај 2026 година го објавува јавниот повик со број, потенцирам, 01-35Ц/2026. Во јавниот повик се утврдени условите кои понудувачот треба да ги исполнува, вклучително и условот да има реализирано најмалку еден настан со значителен капацитет на посетеност, да располагаат или да имаат обезбеден пристап до професионални продукциски, технички, сценски и логистички капацитети, како и да имаат искуство во организација на јавни настани, концерти, фестивали и други слични настани.

На јавниот повик е доставена една понуда, „Стардаст“ ДООЕЛ Скопје, односно субјектот преку кој во конкретната постапка настапува „Авалон Интернешнл Букинг“. Ова го отворам како податок затоа што и околу ова се поставија прашања и имаше обиди да се направи забуна во јавноста. „Авалон Интернешнл Букинг“ е трговска марка под која е препознатлива дејноста, додека „Стардаст“ ДООЕЛ Скопје е правниот субјект кој е носител на таа дејност и на кој е пренесен трговскиот знак. Значи, не станува збор за две независни компании кои се појавуваат како различни понудувачи, туку за правниот субјект кој ја носи понудата и брендот под кој јавноста ја препознава работата на оваа дејност.
Понатаму, во делот на документацијата, следува записникот од отворање на понудата, извештајот за спроведената постапка и оценувањето согласно утврдените критериуми. Изборот не се врши само врз основа на тоа кој понудувач е присутен на пазарот, туку врз основа на квалитетот, издржаноста и иновативноста на предложениот концепт и програмата, како и исполнувањето на условите утврдени со јавниот повик. По завршувањето на постапката се носи одлука за избор на најповолен понудувач, по што следува склучување на договорот помеѓу Државна лотарија и реализаторот.
Дополнително, сакам да појаснам дека во вкупната финансиска конструкција на прославата учествуваа и дополнителни средства во висина од 40 милиони денари, обезбедени од општествено одговорни компании кои се приклучија кон реализација на настаните. Тоа не се средства од државниот Буџет, туку средства од компании кои во изминатиот период јавно беа присутни во рамки на одбележувањето на прославата и јавно го објавуваа своето учество и својата поддршка. И овој дел од финансиската конструкција не е нешто што денеска го откриваме или нешто што било скриено од јавноста, туку станува збор за поддршка која граѓаните имаа можност да ја видат и да ја следат во текот на целиот период.
Ова се фазите на постапката и сметам дека е важно јавноста да ги знае по редослед, затоа што само така можеме да направиме разлика од политичка конструкција и реални факти и вистина.
Директорот на Државна лотарија ќе ги презентира сите правни основи, одлуки, и се што е дел од постапката, за секој сегмент да биде дополнително појаснет, а потоа, ќе му дадеме збор на господинот Бобан од „Авалон продукција“ да може да ги објасни сите дополнителни аспекти коишто се поврзани со организација, продукција и реализација на самата прослава.
Она што сакам да остане како заклучок од оваа прес-конференција е дека оваа прослава беше организирана со јасно поставена цел, со конкретна програма и со постапка која има своја правна и финансиска рамка. Одлуките се донесени навремено, јавен повик е објавен, понуда е отворена и разгледана, комисија спровела постапка, донесена е одлука за избор и склучен е договор за реализација.
Затоа денеска, по завршувањето на прославата, сите можеме да се согласиме дека наместо шпекулации ние имаме резултат којшто е видлив, и дека јавноста може да ги провери овие факти.
И конечно, ветивме транспарентност и отчетност и тоа денеска го потврдуваме. Уште еднаш сакам да го повторам најважниот финансиски факт: за граѓаните преку државниот Буџет, за овие настани не се потрошени буџетски средства. Таа информација може да се провери, и не мора да биде информација на којашто и верувате само затоа што Владата ја кажува”, изјави Митева.


