Вести Македонија

ПРВОМАЈСКИ ПРОТЕСТ: “САМО СЛОЖНИ – ЌЕ БИДЕМЕ МОЖНИ”

Сподели:

Синдикатите и здруженијата кои ги штитат работничките права за денес во 12 часот најавија голем синдикален протест на кој ќе ги истакнат нивните барања кои треба итно да бидат прифатени од страна на надлежните власти.

Протестот ќе започне во 12 часот пред зградата на Дом Ибни Пајко кај Камен Мост.

Потписниците на Повелбата за солидарност на синдикатите и здруженијата за заштита на работничките права до работничките, работниците и сите граѓанки и граѓани на Република Македонија го испраќаат следниот

ПРВОМАЈСКИ ПРОГЛАС

Нема демократија без социјална правда и економска рамноправност! Работничките права се подлога на сите останати граѓански права, бидејќи 99% од луѓето ја обезбедуваат својата елементарна егзистенција преку својот труд. Затоа, работнички и работници, вие од погоните и канцелариите, од скелињата и полињата, од државниот и приватниот сектор, од центарот и периферијата на градовите, млади и стари, помалку или повеќе угнетени, чујте го повикот за борба за вашите права и благосостојба, оти народот за кој политичарите милуваат неодредено да говорат сме токму НИЕ! Традицијата нè обврзува, но современата работничка стварност десеткратно повеќе нè притиска да излеземе на улиците на Меѓународниот ден на трудот. На 1 Мај огласуваме нова етапа во нашата синдикална борба, во која здружено мораме да се фатиме во костец со угнетувањето кое ни иде од различни страни.

2016 не беше само година во која го засведочивме зенитот на политичката бруталност. Таа пред сè беше година на најсвирепо урнисување на синдикалната автономија, а преку тоа и загрозување на елементарните механизми за одбрана и унапредување на работничките права. Не смееме да го одмолчиме исфрлањето на четирите гранкови синдикати – УПОЗ, СУТКОЗ, СИЕР и АГРО – најмасовните и единствените во ССМ кои пројавија јасна волја за победа на синдикализмот над клиентелизмот, послушноста кон сопственичката класа и извршната власт. Нивната бројност изнесува дури половина од вкупното членство на ССМ, што ја илустрира габаритноста на оваа неправда. Сепак, голготата на работништвото не смее да резултира со откажување од стремежот кон белите мугри на трудот. Мораме да го возвратиме ударот со подобра организација на нашите капацитети, појасна артикулација на нашите заложби и помудра стратегија за нивното постигнување.

Синдикатите и здруженијата од Повелбата за солидарност заедно со неправедно исклучените гранкови синдикати од ССМ во понеделник излегуваат на масовен синдикален протестен марш во кој гласот се крева ЗА одбрана на синдикалната автономија и унапредување на работничките права и ПРОТИВ секоја економска и политичка моќ која сака да го стивне гласот на организираното работништво. Другарки и другари, остварувањето на ваквата намисла зависи, пред сè, од работничката СОЛИДАРНОСТ! Нашиот најголем адут е нашата големина! Да ги обединиме силите на заедничкиот фронт! Ние сме светот, ние сме народот!

САМО СЛОЖНИ ЌЕ БИДЕМЕ МОЖНИ!

Потписници на Повелбата за солидарност:

Синдикат на македонската дипломатска служба (СМДС)
Синдикат на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ)
Самостоен синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ)
Левичарско движење СОЛИДАРНОСТ
Движење за социјална правда ЛЕНКА
Синдикат на културата на Република Македонија (СКРМ)
Мултиетнички синдикат на образование (МЕСО)
Конфедерација на синдикалните организации на Македонија (КСОМ)
Независен академски синдикат (НАкС)
Младинска организација МУГРА
АГРО Синдикат
Тивкото мнозинство ГЛАСНО (Штип)
Достоинствен работник (Прилеп)

Во соработка со Синдикатот на индустријата, енергетиката и рударството (СИЕР) и Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва (СУТКОЗ)

Сподели: