Вести Македонија

Хојт Ји на средби со политичките лидери во Македонија

Заменик помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Хојт Брајан Ји, кој е во дводневна посета на Македонија, денеска треба да ги продолжи средбите со државниот врв и со лидерите на политичките партии застапени во Парламентот, јавува Anadolu Agency (AA).

Ји треба да се сретне со претседателот на државата Ѓорге Иванов, со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) Зоран Заев, како и со како што се наведува во соопштението од Амбасадата на САД, претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Според најавите од Амбасадата, теми на разговор ќе бидат статусот на формирање влада, билатералните односи и реформите потребни за евро-атлантска интеграција.

Американскиот дипломат вчера се сретна со лидерите на албанските партии застапени во Собранието на Република Македонија. Првата средба беше со претставниците на партиското раководство на Алијансата на Абанците, Арбен Таравари и Весел Мехмеди. Потоа Хојт Ји се сретна со претседателот на Движењето Беса, Билал Касами, со лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети и неговите сопартијци Теута Арифи и Артан Груби, како и со претседателот на Демократската партија на Албанците (ДПА) Мендух Тачи.

По средбата со американскиот дипломат, Ахмети изјави дека изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието на Република Македонија е легитимен и оти за тоа има поддршка од САД.

Според претходно најавеното, американскиот заменик помошник државен секретар за време на посетата на Скопје треба да оствари средба и со претставници на граѓанското општество и на дипломатската заедница.

Меѓу другото, предвидено е по средбите Хојт Ји денеска попладне да даде изјава за медиумите.

Сподели: