Вести Свет Ударни вести

Путин прогласи победа во Луханск, руските сили ќе се насочат на целосно освојување на Донецк

Сподели:

 

Откако Русите го освоија и Лисичанск, последниот голем град во украинскиот регион Луханск, рускиот претседател вчера прогласи победа во Луханск и им порача на руските воружени сили да продолжат со остварување на целите според „претходно одобрените планови“, пренесува Би-Би-Си.

Борбените дејствија сега се пренасочуват на соседниот регион Донецк, кој околу половина е под руска воена контрола, а останатата половина од рано утрово е под силен оган, со многу ракетни напади. Но, напади се вршат и во другите делови на југозападна и јужна Украина коишто сѐ уште се под контрола на украинските вооружени сили, известува украинската новинска агенција ukrinform.net.

Шест руски ракети биле соборени утрово од украинските сили во регионот Днипропетровск, а една стасала до својата цел. Ракетите се соборени над градот Днипро, а ракетата што ја погодила целта паднала во населба во гратчето Покров и уништила неколку куќи и објекти во дворови, по што настанал и пожар. Пожар избил и во Днипро, од остатоците на една од уништените ракети.

Оклопните единици на руските сили се обидуваат да ја пробијат украинската одбрана во Донецк, кај Спирне и Новолуханске. Дополнително, опасноста регионот да се ракетира од земја и од авиони што се над територијата на Белорусија е постојано присутна.

Во село во регионот Суми, хеликоптер Ми-24 нападнал школски објект, а во правец кон Харкив, напорите на рускиот окупатор се насочени кон спречување продор на украинските сили, известува ukrinform.net.

Артилериски напади се вршат постојано на целата територија што „ја држат“ украинските сили./Мета.мк

Сподели: