Радио МОФ-Дарко Данев: Виновникот за протекот на личните податоци на студентите ќе сноси одговорност

Сподели

Еден месец по протекот на личните податоци на приближно 5.000 студенти од Машинскиот и други државни и приватни факултети при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, случајот се уште не е разрешен. Истрагата која се чинеше како лесна задача за надлежните, се уште не го посочува виновникот.

Деканот на Машинскиот факултет, Дарко Данев, во интервју за Радио МОФ вели дека до крајот на истрагата не може точно да се каже каде настанал проблемот.

„По протекувањето на датабазата, ние веднаш се обративме до Дирекцијата за заштита на лични податоци (ДЗЛП), но бидејќи беше празник, на првиот работен ден и писмено се обративме до нив. Оттаму испратија две лица од IT и правниот сектор. Луѓето дојдоа, увидоа за што станува збор и проверија какви процедури имаме за заштита на личните податоци. Ни дадоа записник за постапување за дел од работите што ги најдоа дека треба да ажурираат, или да се коригираат. Веќе се направени записниците и се вратени во ДЗЛП. Очекуваме одговор од нив да ни кажат дали сме постапиле правилно“, вели Данев.

Тој информира дека серверот сè уште не е вклучен откако беше исклучен по дознавањето за протекот.

Истрагата е клучна за овој случај, бидејќи таа ќе покаже чија е одговорноста.

„Ако ние сме погрешиле во нашите процедури, секако дека Факултетот ќе си ја носи одговорноста. Ако била намерна грешка, или упад, тогаш секако ќе трагаме за да видиме за што станува збор и ќе го лоцираме виновникот. Ако на крајот се сведе на некаква интерна грешка, ќе се открие чија е таа грешка и како настанала, па секако тој ќе си ја носи одговорноста“, вети Данев.

Во моментов, датабазата ја имаат само оние кому им била препратена. Данев осигура дека на факултетот веќе никој не располага со неа. Ова, пак, го покренува прашањето колку системите на факултетите се безбедни. Според деканот на Машинскиот факултет, тие се безбедни, но проблемите ги лоцира во недостигот на кадар.

 

Mашински факултет

„Постои член во Законот за високо образование којшто наведува дека сите студиски програми што ги има на еден факултет, би требало да бидат усогласени со прворангираните 50 универзитети на Шангајскта листа, во 80 посто од студиските програми. Тој член е одложен за две години и ќе почне да се применува од 2019 година, ако се уште остане овој закон да важи. Иако е одложена таа примена на тој член, ние при креирањето на новите студиски програми ги задолживме сите професори коишто имаат свои предмети да се споредат со тие предмети. Тоа е направено од страна на сите професори“, рече Данев.

Но, честите измени на Законот за високо образование претставува сериозна кочница при планирањето на наставните програми.

„Искрено, мое лично мислење е дека треба да се седне и да се направи нов Закон за високо образование каде што ќе се имплементираат нови работи, и со тој нов закон ќе се олесни работата на единиците на универзитетот и секако ќе биде придобивка за начинот на студирање за студентите. Честите измени, создаваат проблеми во функционирањето“, подвлече Данев.

Емилија Петреска

Текстот во целост прочитајте го тука