Рама: Платформата е напишана во Македонија

Сподели

Албанците ниту биле, ниту се, ниту ќе бидат проблем во Македонија, а обвинувањата околу т.н. „тиранска платформа“ се политичка игра, вели премиерот на Албанија, Еди Рама, во интервју за порталот „Дијалог плус“ (dialogplus.ch), јавува дописникот на „Мета“ од Тирана.

Рама во интервјуто додава дека Македонците многу добро знаат дека Албанците се конститутивен фактор во земјата, чии права не може да се гледаат и да се третираат како услуга кон нив.

– Платформата е напишана и одобрена од страна на албанските партии во Македонија. Јас имав задоволство и должност да им помогнам, не околу платформата, туку во олеснувањето на комуникацијата меѓу партиите – вели Рама.

Околу ситуацијата во регионот, албанскиот премиер навел дека постојат политички конфликти, кои, според него, се повеќе последица на претстојните изборни процеси во земјите, отколку реални.

Прашан дали границите на Балканот се безбедни, во смисла дали постои опасност од нивна промена, Рама истакнува дека тие не се доведени во прашање сè додека балканските земји се насочени кон интеграцијата во Европската Унија, но доколку овој процес пропадне, тогаш и дебатата за границите ќе се врати на маса.