ЦИВИЛ: Oдговорност за корупцијата, изборната измама и за суровоста со која владееја 11 години

Сподели

„ЦИВИЛ – Центар за слобода со години се соочува со жестоки притисоци и црна кампања кои имаат цел да ја скријат вистината за тешката состојба на човековите права за кои известува организацијата во континуитет со години наназад. Ова е обраќање до сите што со своето дејствување се обидуваат да му наштетат на угледот и длабоката доверба која ЦИВИЛ ја ужива од целокупната јавност, од сите граѓанки и граѓани на Република Македонија. Денеска им се обраќаме директно и јавно, не затоа што овие факти и ставови не се познати, туку за и нив да ги потсетиме дека нема да им ги заборавиме нивните недела против демократијата, човековите права и против достоинството на огромен број луѓе во нашата земја.

ЦИВИЛ ја осудува секоја постапка на кршење на законите и Уставот, секаков вид на говор на омраза, лага и клевета, без оглед на тоа дали се работи за Претседателот на Македонија, било кој лидер на партија или медиум. Тоа сме го докажале многупати до сега и ќе продолжиме на тој начин. Тоа се однесува и на секој што има релација со ЦИВИЛ, без оглед на тоа дали е раководител, член, соработник, поддржувач или набљудувач.

Сите се еднакви пред законот.

Сите се третираат подеднакво и пред Статутот и Кодексот на ЦИВИЛ.

Тоа го знаат сите граѓанки и граѓани на Македонија, дури и оние за кои мислите дека сте ги убедиле во лагите кои треба да ги одбранат вашите газди.

Знаеме дека демократијата, слободата на изразување, владеењето на правото и еднаквоста ви се туѓи, но ние ќе останеме посветени на тоа постојано да ги промовираме и да ги практикуваме.

Пренесете им на вашите газди дека нема да дозволиме да го одвлечат вниманието од одговорноста за корупцијата, изборната измама и за суровоста со која владееја 11 години“, се вели во соопштението на Цивил.