Вести Македонија Ударни вести

Разговор на Пендаровски со припадниците на Армијата распоредени во меѓународни мировни мисии

Сподели:

 

Претседателот и Врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски, денеска преку видео-врска разговараше со припадниците на Армијата, распоредени во мировните мисии КФОР во Република Косово, Алтеа во Босна и Херцеговина, ЕУТМ-РЦА во Централноафриканската Република и УНИФИЛ во Либан.

 

 

Во текот на разговорот припадниците на мисиите го информираа претседателот Пендаровски за нивните должности и начинот на нивното извршување, за тековните активности, за предизвиците со кои се соочуваат во текот на реализирањето на своите задачи, безбедносното окружување, како и за моралот и здравствената состојба на мировниците.

Претседателот Пендаровски истакна дека благодарение на професионализмот и пожртвуваноста на припадниците на Армијата распоредени во меѓународните мировни мисии, Република Северна Македонија дава значаен придонес за глобалниот мир и безбедност и се реафирмира нејзината позиција како доверлив партнер во евроатлантската заедница.

Честитајќи им ги новогодишните празници, претседателот Пендаровски на припадниците распоредени во меѓународните мировни мисии им посака натамошен успех во извршувањето на задачите, добро здравје и нивно безбедно враќање во татковината.

Сподели: