Реакција на болните со ХОББ: Ако до сега немаше инсулин и лекови за ретки болести, дали сега се на ред лековите за болестите на белите дробови (ХОББ)?

Сподели

Речиси на сите мерни места во Скопје и повеќе градови во Македонија е регистрирано многу високо ниво на ПМ10 и ПМ2,5 честички во воздухот, покажуваат податоците на веб-страницата „Квалитет на воздухот“ на Министерството за животна средина и просторно планирање.

 

Во нашата редакција пристигна писмо во кое револтирани граѓани се жалат и бараат одговор зошто при ваква висока загаденост болните не можат да ги најдат потребните лекови кои секојдневно ги употребуваат, но сега без нив не можат да дишат.

“Ако до сега немаше инсулин и лекови за ретки болести, дали сега се на ред лековите за болестите на белите дробови (ХОББ)?”

Имено со денови нема лекови за инхалација, конкретно во моментов го нема лекот “Спирива”, без кој овие болни не можат да живеат. Во ниту една аптека ги нема на рецепт, а доколку ги има тие можат да се најдат само од први до трети во месецот. Последниов месец велат дека се во дефектива, што значи дека воопшто или тешко дека ќе ги има. Инаку доколку ги има, тие треба да платат околу 6.000 денари на приватно.

Сакаме да прашаме: Што мислите како без овој лек ќе дишат болните ако не се наоѓаат овие лекови, а надвор воздухот е екстремно загаден?”

Во Република Македонија 147.000 луѓе боледуваат од хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ).

Податоците за амбулантски и хоспитално лекувани болни од ХОББ на Клиниката за пулмологија и алергологија покажуваат тренд на зголемување во последните четири години (2014 година – 3.195 амбулантски и 523 хоспитално лекувани, 2015 – 3.737 амбулантски и 586 хоспитално, 2016 – 4.320 амбулантски и 610 хоспитализации, 2017 – 3.587 амбулантски (20 отсто од сите прегледи) и 654 хоспитализации (што претставува 42 отсто од сите хоспитализирани пациенти).