Јужна Кореја ѝ нуди преговори на Северна Кореја

Сподели

Јужна Кореја предлага средба на високо политичко ниво, по помирливите тонови од севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун кон соседот во новогодишниот говор, пренесува Дојче веле.

Средбата на високо политичко ниво би можела да се одржи на 9. јануари во граничното место Панмунџом, предложи јужнокорејскиот министер за обединување, Чо Муонг Гуон во Сеул. На неа би можела да се дискутира можноста за  учество на спортски претставници на Северна Кореја на Зимските олимписки игри во јужнокорејскиот град Пјонгчанг,  но и други теми поврзани со подобрувањето на билатералните односи, се вели од Сеул.

Во моментов на Корејскиот Полуостров владеат силни тензии. Меѓународно изолираната Северна Кореја продолжува да работи на унапредување на својата атомска програма и производство на нуклеарно оружје, постојано упатувајќи закани кон САД и Јужна Кореја.  Во септември лани Пјонгјанг изврши проба на хидрогенска бомба, а во ноември се пофали со тестирање интерконтинентална ракета, тврдејќи дека целокупната американска копнена територија е на дофат на севернокорејските ракети.

Во својот новогодишен говор, севернокорејскиот властодржец Ким Јонг Ун повторно се закани со употреба на атомско оружје, но истовремено најави можност да испрати екипа на својата земја на Зимската олимпијада во Јужна Кореја. Тоа се толкува како гест на манифестирање подготвеност за водење дијалог. Доколку средбата вистински се одржи, тоа би биле првите разговори на високо политичко ниво меѓу двете влади по повеќе од две години.

DW.COM