РКЕ: Ако парното недоволно загрева, сметката треба да биде пониска

Сподели

 

Според Правилникот за утврдување на квалитетот на испорачаната топлинска енергија, ако парното греење е недоволно, корисниците треба да добијат пониски сметки, соопшти Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги. За тоа да се случи, првин е потребно корисниците да добијат решение од страна на комисијата за проверка на квалитет на испорачаната топлинска енергија дека имаат неквалитетна испорака на топлинска енергија.

„Побаравме од снабдувачите со топлинска енергија да донесат решенија кои ќе соодветствуваат со фактичката состојба утврдена на терен при извршената проверка, откако потрошувачите се пожалија дека имаат пониска температура или радијаторите им се ладни. Согласно правилникот, снабдувачот е должен да донесе решение со кое ќе се корегира сметката, во зависност од тоа колку отстапува температурата од онаа што е пропишана . Да заклучам, ако во јануари кај дел од потрошувачите каде што е констатирана неквалитетна испорака на топлинска енергија со решение, по извршена контрола од страна на комисија – снабдувачот треба да им фактурира помала сметка. Регулаторната комисија за енергетика побара од Скопје Север при изработка на фактурите за месец јануари да не се земат во предвид деновите кога немало испорака на топлинска енергија“, изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕВУ.