Вести Македонија Ударни вести

Ретрокалендар на „Алкалоид“ и Зоран Кардула

Сподели:

 

 

Нови 12 страници за новата 2023 година, со призвук на стари, ретроелементи кои пленат со класика и со елеганција, го отсликуваат календарот на „Алкалоид“ со авторски потпис на познатиот македонски уметник, графичар и дизајнер Зоран Кардула.

Инспириран од стари ретропостери и принтови кои се појавиле пред еден век, а кои до ден-денешен впечатливо ја изразуваат својата автентичност, Кардула за овој корпоративен проект подвлекува дека станува збор за еден уникатен и интересен концепт, чие создавање претставувало уживање низ уметничкото творење.

 

 

„На мое големо задоволство, годинава бев ангажиран од ’Алкалоид’ да го дизајнирам календарот за 2023 година. Пред една година, за сопствено задоволство, направив личен проект каде што илустрирав познати македонски брендови кои во минатото оставиле трага, а некои од нив сѐ уште се присутни во нашето живеење. Идејата ми беше познати фирми и некои нивни брендови да ги претставам во арт деко стил и како би изгледале нивните производи кога би се рекламирале во 20-тите и во 30-тите години од минатиот век. Интересен концепт во кој навистина уживав. Токму во тој стил е изработен и календарот за ’Алкалоид’ – брендовите на компанијата во арт деко стил. Имав целосна слобода во илустрирањето и целиот процес беше уживање“, истакнува Кардула.

При изработката на овие постери авторот настојува да се држи до стилот, колоритот и до естетиката и сето тоа да го пренесе во најдобро светло. За поавтентично доловување на стилот, креира и амбалажа за некои производи, односно симулација на тоа како би биле брендирани во тоа време. Илустрациите се цртани во илустратор, а користени се и многу четки за да се доловат ретромоментот и патината за која авторот се стреми да ја имаат постерите. Опфатени се неколку стилови на илустрирање кои се појавуваат во тој период на арт деко.   

Дизајнот на корпоративниот календар на „Алкалоид“ за 2023 година враќа назад во некои поубави и побезгрижни времиња. Преку ова автентично патување низ времето, „Алкалоид“ на своите вработени, соработници и верни потрошувачи им посакува среќни празници во знакот на она најважното – Здравјето пред сѐ!

 

Преземете го календарот овде

Сподели: