Ромската заедница се обединува преку градење кауза “Единство и еднаквост”

Сподели

 

Градење ромска кауза под мотото „Единство и еднаквост“, најавија денеска претставници на десет граѓански организации и на Општина Шуто Оризари, откако потпишаа Декларација за заедничко делување со цел политичко, економско и социјално единство на ромската заедница.

Приоритети на Декларацијата ќе бидат поголема вклученост на ромската заедница во законодавната и извршната власт, имплементација и операционализација на усвоените стратешки документи, како и правичен пристап до фондови за ромските граѓани.

-Оваа иницијатива за здружено делување е произлезена од потребата на ромската заедница, локалната самоуправа и граѓанските организации прашањата, потребите и предизвиците на Ромите да заземат повисоко место во агендата на носителите на одлуки, меѓународната заедница, на националните и меѓународните донатори, истакна Фатима Османовска.

Општ е заклучокот, напомена Османовска, дека изминатите години исклучително стагнира развојот на ромската заедница во сите области и на сите нивоа.

-Неимплементацијата на стратешките документи, ниското ниво на политичка партиципација, поделеноста на ромската заедница по сите основи, нејзината незастапеност во новите вработувања во јавниот сектор, неповолните здравствени политики и социјалната исклученост, значително ја влошуваат положата на Ромите, а за продлабочување на овие проблеми придонесува и недостапноста на фондовите за ромскиот граѓански сектор, потенцира Османовска.

За спроведување на целите дефинирани со Декларацијата, како што рече Османовска, ќе се реализираат индивидуални и групни средби со заедницата, со политичките партии, со носителите на одлуки, како и со донаторската заедница. Планирани се и јавни презентации на потребите на заедницата.

На новинарско прашање во врска со немањето гинеколог во Шуто Оризари, на прес-конференцијата беше нагласено дека ваква ординација се очекува да профункционира од септември.

Во врска, пак, со децата питачи, беше нагласено дека и ова прашање е третирано.

-Имаше обиди и ова прашање да биде решено, децата да бидат сместени во институциите, но тие се повторно на улица. Од кои причини, нема соодветен одговор, рече претставникот на граѓанските организации, Зекир Абдулов.