Нови пријави до ИРЛ од граѓани по објавата на „Нечиста крв“ (ВИДЕО)

Сподели

 

Документарецот насловен „Нечиста крв“, објавен од страна на ИРЛ (Investigative Reporting Lab) и МРТВ крена голема „прашина“ во јавноста.

Се работи за документарец во кој се претставени судбини на семејства кои во екот на ковид пандемијата се лекувале во една од најголемите приватни клиники во Македонија.

Според документарецот на ИРЛ, во Македонија се правеле експерименти врз живи луѓе заразени со коронавирус. А интерхоспиталните инфекции не се пријавувале кај надлежните

Истражувањето го следи патот и методологијата на функционирање на еден од најскапо платените доктори (но и клиники) во државата – д-р Жан Митрев.

Истражувањата се базираат на 24 пријави од страна на граѓани од Северна Македонија и Косово, а истите биле истражувани речиси две години.

Дали методот на хемофилтрација кој во клиниката на Жан Митрев се наплаќал од три до пет илјади евра бил одобрен за Ковид лекување и други контраверзни теми поврзани со сопственикот на клиниката можете да ги проследите во најновото истражување на ИРЛ.

По објавувањето на документарецот уредникот Сашка Цветковска за Мета.мк изјави дека стотици нови пријави од граѓани добиле новинарите на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) по објавата на епизодата „Нечиста крв“. Редакцијата е благодарна што граѓаните се охрабрија да се вклучат во разоткривање на нечесните пракси кои со години директно ги загрозуваат човечките животи.

 

 

Главното дејство на оваа епизода се одвива околу сведочењето на семејството Брезеви чиј член починал во приватната клиника откако му биле администирани повеќе хемофилтрации, а добил и повеќе интрахоспитални бактериски инфекции кои влијаеле на влошување на неговата состојба.

„Добивме повеќе од 150 нови пријави од граѓани кои имале исто или слично искуство како семејството Брезеви. Пријавите од граѓани се однесуваат и на лекувања и третмани во други приватни и државни болници, а не само на болницата на Жан Митрев“, вели Цветковска.

Таа истакна дека почнувајќи од денес а и наредниов период тимот на ИРЛ ќе биде фокусиран да ги исконтактира сите граѓани кои се обратиле до редакцијата, додавајќи дека ИРЛ е составена од мал тим на новинари и секоја помош од колегите од други медиуми е добредојдена.

„Ние немаме моќ освен нашите зборови и работа, ние не сме МВР и обвинтелство, но очекуваме надлежните институции да ги заштитат луѓето и конечно некој да се позанимава со луѓето во институциите кои секојдневно ги гледаат и ги премолчуваат овие злосторства врз животот и здравјето на граѓаните“, рече Цветковска.

Погледајте го документарецот „Нечиста крв“.