Вести Македонија Ударни вести

РСБСП: СТОП за возењето под дејство на алкохол!

Сподели:

 

Управување на моторно возило под дејство на алкохол е еден од најсериозните прекршоци кој го прават одредени возачи. Да се управува моторно возило под дејство на алкохол значи да се нема ниту најмала почит кон себе, кон сопствениот живот, кон семејството, кон другите учесници во сообраќајот и кон општеството во целина.  Со жалење може да се констатира дека и покрај сѐ,  одредени поединци  се уште се осудуваат да седнат позади воланот и тогаш  кога се под дејство на алкохол. 

Покрај слабиот карактер и комплетната неодговорност, една од причините за еден возач  да седне  „пијан “ позади воланот е потценувањето на ризикот и опасноста дека може да се случи сообраќајна незгода и убедувањето дека на кратко растојание може да се управува моторно возило и под дејство на алкохол.  Во однос на оваа констатација РСБСП со потсетување дека ниту еден возач кој учествувал во сообраќајна незгода со фатални последици не ни претпоставувал дека тоа може да му се случи токму нему и со потсетување дека  ниту еден возач,  не тргнал  под дејство на алкохол, да управува моторно возило на патување од 1000 км, напротив, најголем број од возачите кои биле под дејство на алкохол и кои учествувале во сообраќајна незгода со тешки и фатални последици, патувале на пократка дестинација а многу често патувале во рамките на населеното место или регионот во кој престојуваат или живеат.

 

 

Водејќи се од тоа, РСБСП со потсетување, совети и пораки до возачите:

 •   Возач под дејство на алкохол не смее да започне да управува возило во сообраќај на пат. 

 •  Дозволено количество алкохол во крвта кај возачите изнесува 0,5 г/кг. Кај професионалните возачи и возачите почетници, не е дозволено никакво количество алкохол во крвта (0,09 г/кг). Глобата за непочитување на оваа законска обврска изнесува од 225 до 375 евра во денарска противвредност.

     •  Полицискиот службеник на самото место привремено ќе му ја одземе возачката дозвола и ќе го исклучи од сообраќај возачот за кого ќе утврди дека е под дејство на алкохол.

  •  Управувањето на моторно возило под дејство на алкохол носи закана за одземање на возачката дозвола до 12 месеци.

Истражувањата покажуваат дека алкохолот ја намалува возачката способност, ја намалува концентрацијата и ја намалува функцијата на сетилата за слух и вид. Возачите под дејство на алкохол не се во способност благовремено да ги препознаат ризиците и опасностите во сообраќајот и се склони кон преземање на ризик и ги потценуваат последиците од сообраќајните незгоди.

РСБСП потсетува дека како последица на неодговорното учество во сообраќајот, изминатата година во Република Северна Македонија, 132 лица го загубија животот во сообраќајни незгоди, а 5164 лица беа  повредени.

Согласно тоа,  РСБСП со апел до сите возачи:

„Оваа лето безбедноста нека ви биде на прво место. Никогаш немојте да возите под дејство на алкохол затоа што возењето под дејство на алкохол носи смрт на патиштата!“

Сподели: